На „Шукара басмата“

Политиката кај нас, со ретки исклучоци, никогаш не била професија, па ни занимање, туку само средство за профитерство, кариеризам, неказнивост и неодговорно однесување.

1,732

Ние по 1991 година, освен неколкумина, не сме имале вистински, сериозни политичари. По 2001 година – воопшто! Политиката кај нас секогаш била засолниште за неспособните, нестручните, некомпетентните…, оние кои не можеле – биле неуки! – да се реализираат на друго општествено поле. Не сме имале ни доволно вистински интелектуалци, оние од форматот на еден Хавел, на пример, кои (како што вели токму тој) постојано би „вознемирувале“, би опоменувале, би „провоцирале со својата независност“, „би се бунтувале против сите скриени и отворени притисоци и манипулации“… итн.

Политиката кај нас, со ретки исклучоци, никогаш не била професија, па ни занимање, туку само средство за профитерство, кариеризам, неказнивост и неодговорно однесување. Оние малкумина компетентни индивидуалци од други професии кои, по сила на нештата влегувале во македонската политика, не траеле долго и не можеле многу да променат. Не умееле да ја продаваат „на Шукара басмата“, или преведено: лагата како вистина, црното како бело, поразот како победа…!






Зошто? Затоа што притисокот од оние првите – политикантите – бил/е огромен, затоа што политичките партии се во најголем процент составени од неспособни и нестручни типови кои бараат начин да се доберат до власт, моќ, пари, профит…, затоа што средината е таква, со децении држена во заложништво на две-три партии итн.

И токму тоа деновиве го гледаме како којзнае која реприза од еден ист, лош филм: полуписмени политиканти – со актуелниот „претседател“ во главна улога – ни ја „толкуваат“ онаа „голема слика“ и нашето минорно место во неа, ни продаваат некакви нивни сулуди „мерила“ за тоа како треба да се однесува една држава во меѓународната политика… А ние – слушаме, небаре сме осудени на вечен „брак“ со нив!

Во самата суштина, а откако ќе стивнат навивачките страсти мотивирани од различни причини, во овој избор на претседател на државата, гласачите остануваат исправени пред неколку битни прашања. Едно од тие, или баш првото, е: сакаме ли да продолжиме така? И тоа е клучното прашање во овие претседателски избори.

Зашто, човекот кој веќе пет години глуми претседател на државата е проминентен претставник на тој сој македонски политиканти уште од средината на деведесетите години на минатиот век. Тој е типичен израсток на македонската политикантска сцена, на оној провинциски профил на поединци кои се шуткале низ некакви/секакви кабинети, партиски штабови и квазиелитни „друштва“, за преку ноќ да станат џокер-политичари за највисоки места. Ниту една држава не може да очекува просперитет од такви луѓе, особено од оние на највисоки функции кои личните порази и неспособност ги затскриваат зад политикантски евроинтегративни флоскули небаре истите се само нивна сопственост!

Затоа и луѓето велат: ако сакаш да видиш каков е некој, остави го нека говори! Овие неколку кандидатски „соочувања“, по којзнае кој пат ни го исцртаа целиот профил на тој човек-калкулант, не само низ неговите „бисери“ со молкот пред Османи, за т.н. „француска рамка“, за односите со ЕУ и др. Но нѐ соочија и целосно соголен човек, особено кога говори за најголемата опозициска партија  заборавајќи притоа дека токму во периодот 1998-2001 бил началник на Управата за аналитика и истражување во МВР, дека му бил советник на нивниот претседател Трајковски итн. Тоа било некое друго ВМРО, не ова истото?

Сето тоа, со сиот негов провинцијализам и неукост но и бахатост, ароганција и сирова исклучивост, стекнати низ годиниве лагоден живот и лажно наметната почит, само ја допрофилираа сликата за типичен македонски политикант кој не бира средства да остане на власт.

Оттука, дали нашиот избор денес треба повторно да се сведе на стеснет полтронски хоризонт, на послушност и лицемерие, подлизување и неукост, на сурогат-претседател? На оние и онакви кумровечки „слогани“ за интеграцијата или изолацијата, за неоткажувањето од иднината, за „нашиот“ претседател и слични глупости, или сакаме, конечно, компетентни луѓе на вистински места наместо партиски приврзоци, сериозни јавни личности наспроти политикантски анонимуси, решителни поединци наместо страшливи шалабајзери…?

Или, уште поконкретно, ќе прифатат ли граѓаните повторно дилетанти од форматот на Пендаровски и Османи и понатаму да ни ја раскажуваат бајката за Македонија и ЕУ, за преговарачката рамка, за „моментумот“, за ветувањата на „мама“ ЕУ и „тато“ НАТО итн.? Актуелниот сурогат-претседател по стоти пат врти една иста плоча, а и таа расипана, стара, никаква, којашто пелтечи за некаква цивилизирана држава што никаде во реалноста ја нема, за некаква иднина што никој жив не може да ја согледа, за некакви негови/нивни успеси што светот сепак ги препознава само како криминал, корупција, непотизам, партократија…

Да, жално е за една држава да има таков претседател, кој згора на тоа бара и втор мандат. Жално е за една држава што прифаќа такви луѓе за врвни државни функции, луѓе исклучително штетни по општеството и граѓаните со нивните лаги за непромената на името на државата, лагите за повторното некандидирање, криминалните измени на Кривичниот законик, „француската“ рамка и односите со источниот сосед…, луѓе кои потпишуваат дури и закони донесени без мнозинство во Парламентот итн.

И сега, наместо соодветна казна – политичка, морална, па ако треба и кривична – да бидат честени со уште еден мандат?

Или, ако баш сакате, ако оној Иванов практично се „самоуби“ со онаа смешна аболиција на редица политички криминалци во државава, што беше потпишувањето на измените на Кривичниот законик? Ништо различно, само што со аболицијата на Иванов знаевме кои се помилувани, а со потписот на Пендаровски на Кривичниот законик – не знаеме. Може да се стотици, илјадници, од најзакоравени криминалци до најголеми политички апаши. Не им го знаеме ни бројот, ни делата!

Оттука, и по третото соочување на двата претседателски кандидати, ние можеме да се правиме мутави дека не гледаме и не слушаме како се однесува еден сурогат-претседател, можеме повторно да подлегнеме на пропагандната машинерија на сдсм (малите букви се… знаете веќе што) и онаа сурија „академска“ клиентела на власта, но тоа ништо нема да промени. Државата и понатаму ќе тоне подолу и подолу, ако веќе не сме на самото дно.

А овие неспособни „прогресивни“ слепци ќе продолжат да ни ја продаваат „на Шукара басмата“, да се удираат в гради додека лажат и крадат а другите ги нарекуваат националисти и фашисти иако не го знаат ни точното значење на тие зборови. Ќе нѐ закопаат во нивниот провинцијализиам и неукост, во нивните коруптивни зделки со коалициските криминалци, во тоталната атрофија на државата и нејзините институции, ама и понатаму ќе нѐ убедуваат дека тоа не е важно за нашите евроинтеграции туку само – промената на Уставот!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини