На што замирисува „оваа земја“?

Крушевската Република не може да биде на „оваа земја“ (како што „од милост“ нѐ нарекува Гир), или  „симбол на нашата, македонска самобитност и непокор“, како што порачува премиерот, ако државата сте ја претвориле во септичка јама во која што секој може да фрли што сака. Тогаш таа мириса „до небо“, освен можеби не во „Белата шампита“, каде реата ја камуфлираат со парфимирани партиски и коалициски соопштенија за „нашата континуирана борба за слобода и подобро утре, на нашата заложба за мултикултурно и мултиетничко општество“.

1,376

Одамна Илинден не е „празник кој обединува“, како што тоа сака и денес да ни прикаже оваа власт во последното (повторно) нелекторирано соопштение. А ако пак токму нивната врхушка милува да спомнува „сквернавење, омаловажување и газење по вредностите на илинденците и по неговото значење“, тогаш треба уште еднаш да го препрочита фамозниот Протокол од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. За нештата да им бидат појасни. И, после тоа, да си ги зачистат ушните канали и повторно да ја преслушаат пораката од холандскиот амбасадор за „францускиот предлог“: „Затворете го носот и голтнете го“! Или, уште еднаш да ги чујат маестралните лупинзи на еу-амбасадорот Гир дека ако не го смениме Уставот процесот прекинува, ама не заради тоа што „трета земја дошла и ставила вето, туку бидејќи оваа земја решила да се повлече од обврската која е направена билатерално со Бугарија“!

Оттука, Крушевската Република не може да биде на „оваа земја“ (како што „од милост“ нѐ нарекува Гир), или  „симбол на нашата, македонска самобитност и непокор“, како што порачува премиерот, ако државата сте ја претвориле во септичка јама во која што секој може да фрли што сака. Тогаш таа мириса „до небо“, освен можеби не во „Белата шампита“, каде реата ја камуфлираат со парфимирани партиски и коалициски соопштенија за „нашата континуирана борба за слобода и подобро утре, на нашата заложба за мултикултурно и мултиетничко општество“. Кој тоа ја води денес таа „континуирана борба“, и како? Прогласувајќи го мислењето на мнозинството за „нерелевантно“, оцрнувајќи ги највисоките државни институции (МАНУ, УКИМ и др.), како? Ќе го одликуваме со највисоко државно признание и еден Крсте Црвенковски кој да може сега, во оваа и ваква Македонија, да им излезе од некаде, ќе се разбегаат како глувци! Ќе ѝ дадат највисоко државно признание и на Невена Георгиева – Дуња, масакрирана од бугарскиот фашистички окупатор, а веќе утре ќе продолжат да го применуваат понижувачкиот Протокол.






Ние не можеме да се лутиме на амбасадорите на меѓународната заедница, особено не на оние од земјите членки на ЕУ. Тие се тука да ги бранат интересите на нивните земји, но и на ЕУ. Сепак, дали правилно ќе ги „читаме“ нивните „упатства“ – зависи од нас. Не секогаш тие се добронамерни, на пример како овој на официелниот претставник на Европската унија во Македонија, викан Дејвид Гир. Меѓутоа, со полно право, можеме – и треба – да бидеме навредени, па и лути, на македонската политика и нејзините први луѓе, кои нѐ третираат како малоумни, и нерелевантни. Тука ништо не помага, најмалку задоцнети одликувања, уште помалку „огнените“ празнични говори што траат само еден ден, и толку. Таквата смирисана дволична „политика“ – или подобро речено политикантство – на божем горди Македонци дома а преплашени провинцијалци надвор, полека но сигурно се претвора во ново, современо обележје на македонскиот идентитет денес.

Зашто, кому му треба вакво еднодневно славје од типот на лош театар режиран од полуписмени „режисери“ на „оваа земја“, ако веќе утре повторно се вратат на нивната понизност, вулгарност, арогантност? Ако претседателот на државата, кој денес доделува највисоки државни ордени, само ден претходно за претседателот на МАНУ си дозволил речник од типот „Во однос на тие негови писанија не би се потресувал толку многу што напишал господинот Коцарев затоа што се работи за физичар, кој од меѓународна политика, внатрешна политика, етногенеза, се разбира колку што јас се разбирам во атомска физика, значи, многу малку или воопшто не се разбира“, тогаш како кон тој претседател на највисоката научна и уметничка институција во државава ќе се однесува „обичниот“ човек? Ќе го плука на улица, ќе го удира, ќе го пцуе…? Што и да кажал претседателот на МАНУ односно како и да го кажал тоа што го кажал, а без оглед дали ние со тоа се согласуваме или не, тој останува не само претседател на МАНУ туку и најцитиран научник од Македонија во светот. Неговите публикации се цитирани според Web of Science (Science Citation Index) 6384 (6133 без самоцитирање) пати додека според Google Scholar тие се цитирани 11.248 пати (податоците се од 25-10-2015 година). И впрочем, од кога спротивставените политички ставови или политичкото несогласување дозволуваат такво ниско – да не речам уличарско – рамниште на комуникација? И за еден претседател на држава, кој и да е, претседателот на МАНУ – особено овој – не смее да биде „дотичниот господин“, без оглед дали тој рекол дека „заедно со МАНУ од септември ќе го просветувал и ќе го будел македонскиот народ“. И што, впрочем има погрешно во тоа? Ако веќе македонскиот образовен систем, со овие и вакви „политики“ и „политичари“, тоа не го прави, зошто една МАНУ не би го правела тоа?

Во времето на заробената држава, кога истото ова МАНУ одмолчи цели 11 години и се редеше да добие потпис од криминалецон од Будимпешта, таа мекотелност на институцијата не ни се допаѓаше. Но и сега некому не му се допаѓа ако негови членови говорат, ама не на истата линија со власта?! Тоа ли е главниот услов за пристојноста, одмереноста, примереноста на македонската владеачка политика – да се мисли како неа? Сите други с(м)е непријатели?

Нема да кажам, иако можам со полна одговорност, дека ваквите истапи на македонскиот државен врв, воден од крајно понизни политикантски и себични мотиви, само ја продлабочуваат политичката и моралната криза во државава, но и – свесно или не – го поттикнуваат таквиот тип на непринципиелен говор, вклопувајќи се во повампирувањето на современата ждановистичка матрица на неаргументирано обвинување кај нас. Зашто, тој тип на говор сѐ почесто го слушаме во Собранието, од претставниците на Владата, во медиумите, од новинарите и др. Одбраната на актуелните државни политики често е доблест, но и медиокритетство, глупост, наивност… во вакви услови. Одбраната на кои и да се државни политики ќе добие вистински илинденски ореол само кога се темели на вистина, транспарентност, одговорност. Денешната дволичност не е тоа. А тоа не се ни македонскиве политичари, без оглед дали некој кај нас ги нарекува дури и „екселенции“. Тие, со нивната неукост, простотилак и провинцијалност, не се политичари од овој век, па дури ни од времето на Илинден. Тоа се непораснати мажиња желни за неограничена моќ. Затоа, впрочем, им се потребни и оние клиентелистички војски што ќе ги оправдуваат и бранат нивните политикантски чекори, нивните лаги и понижувања на сопствената земја, нејзината историја, култура, јазик… Оние од типот на капларон кој од шинелот вади флоскули за „мнозинството од народот, опозицијата и  некогашни претседатели и високи партиски функционери дури и од самата партија на власт, интелектуалци од МАНУ и универзитетите, уредници на медиуми, невладини организации финансирани од фондови на ЕУ“ кои говорат глупости, ќе нѐ плаши со Путин и слични будалаштини. Друг ќе ја идентификува МАНУ со САНУ, грижата за најсензитивните прашања за Македонија денес ќе ги нарекува „невиден аматеризам и неодговорност“? На тоа и на такви ли „мириси“ спадна „оваа земја“?

 

Поврзани содржини