НА РУСИЈА Ѝ СЕ ЗАМРЗНАТИ ПОЛОВИНА ОД РЕЗЕРВИТЕ Земјата има вкупно 640 милијарди долари
Благодарение на високите девизни резерви, се проценуваше дека Русија ќе може да ги издржи санкциите долго време.
Половина од златните и девизните резерви на Банката на Русија се замрзнати поради санкциите на Западот, изјави рускиот министер за финансии Антон Силуанов во интервју за ТВ каналот Русија 1, во кое рече дека смета на помошта на Кина за да го издржи економскиот удар.
– Имаме вкупна сума резерви од околу 640 милијарди долари. Во моментов не можеме да искористиме околу 300 милијарди долари од тие резерви – рече Силуанов, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Дел од девизните резерви на Русија се во кинеска валута, но западните земји сега вршат притисок врз Кина во смисла на ограничување на трговската соработка.
– Се разбира, постои притисок да се ограничи пристапот до тие резерви што ги имаме во јуани. Мислам дека нашето партнерство со Кина ќе ни овозможи да ја одржиме соработката што ја постигнавме и не само да ја одржуваме, туку и да ја подобриме во средина каде што се западните пазари се заворени – рече тој.
Благодарение на високите девизни резерви, се проценуваше дека Русија ќе може да ги издржи санкциите долго време.
Силуанов пред еден месец изјави дека Русија ќе може да ги издржи санкциите благодарение на изобилните резерви, па дури и размислува да понуди еврообврзници на странските инвеститори откако ќе се смири нестабилноста на пазарот.