НА РОЧИШТЕТО АНЃУШЕВ – ЦВЕТКОВСКА НЕМАШЕ НИ „ДЕРЕЊЕ“ НИ „ВЕРБАЛНА АГРЕСИЈА“ Белешките на репортерот на Плусинфо му стојат на располагање на Судскиот совет

Во ист ден, уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковски, во пост на Фејсбук се пожали на поведението на судијката на рочиштето на 13 октомври, а ЗНМ побара Судскиот совет да поведе постапка за утврдување на Јованка Спировска-Панева. Репортер на Плусинфо го следеше и го документираше рочиштето, кое, според неговото видување, имало вообичаен тек. Редакцијата ги става белешките на репортерот на увид на Судскиот совет, со цел членовите на ова тело самите да се уверат дали имало „вербална агресија“ од страна на тужителот и несоодветно постапување на судијката.

5,282

Здружението на новинарите на Македонија поднело барање до Судскиот совет за поведување постапка за утврдување одговорност на судијката Јованка Спировска-Панева од Основниот граѓански суд Скопје за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција, објави денеска (четврток, 19 октомври) агенцијата Макфакс.

На 13 октомври се одржа рочиште за постапка поведена по поднесена тужба за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета од Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер во Владата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главниот и одговорен уредник Сашка Цветковска, за објавената сторија со наслов „Заговор против воздухот“.






По извршениот распит на странките, судијката Јованка Спировска-Панева, која го водеше рочиштето, побара од новинарите и од  другите лица што беа во својство на јавност да ја напуштат судницата, со усно образложение дека ќе се изведе доказ „соочување странки“, бидејќи изведувањето на овој доказ бара исклучување на јавноста, вели ЗНМ и тврди:

„Оваа постапка го попречи и следењето на рочиштето, кое ЗНМ со години го има како пракса во случаи кога како странка се јавува медиумски работник. Како здружение кое со години се бори за слобода на изразување и за правото на јавноста да биде информирана преку информациите што ги пренесуваат новинарите, нивното исклучување од судница за случај што се води против нив, а поведен од високи функционери, нема апсолутно никаква законска оправданост. Според одредбите од Законот за парничната постапка и според нашето сознание, на рочиштето ниту се одавала службена, деловна или лична тајна ниту се нарушува јавниот ред ниту, пак, е спротивно на општо прифатените морални вредности“.

Случајно или не, денеска (четврток, 19 октомври), во пост на Фејсбук, однесувањето на судијката Јованка Спировска-Панева го коментира и тужената Сашка Цветковска:

„Таа соочувањето го претстави како доказ во постапката каде што таа ќе ценела според реакциите на странките кој бил во право, а кој не (нејзини зборови). Во текот на рочиштето јас и адвокатот бевме изложени на вербално малетритирање и агресија, тужителот и неговата адвокатка постојано се дереа, а голeм цел од нашите одговори на нападите на Анѓушев не беше дозволено да влезат во записник. Кога јавноста беше исфрлена, агресијата и вербалните напади се засилија. Нашите аргументи постојано се одбиваа, често бевме прекинувани од адвокатката Мери Младеновска, без можност да се доискажеме. Истата напати ѝ сугерираше на судијката и практично одлучуваше што да влезе, а што да не влезе во записникот“.

Во својата реакција, Цветковска потсетува дека истата судијка на првото судење ја отфрлила тужбата на Анѓушев.

„Откако апелацискиот суд со смешно образложение го врати предметот на повторно судење, видовме еден сосема поинаков процес. Оваа држава и ова судство и ова обвинителство не се ништо повеќе од сервис на криминалот и корупцијата“, коментира тужената Цветковска.

Иако нема пракса да известува од граѓански спорови, оценувајќи дека станува збор за спор кој предизвикува јавно внимание, при што е многу важен интегритетот на судската постапка, Плусинфо ги проследи двете последни рочишта од спорот. Репортерот кој присуствуваше на последното рочиште од 13 октомври доби задача да го следи настанот и посебно да внимава на евентуални прекршувања на постапката или несоодветно поведение на странките.

Репортерот ја документирал расправата на рочиштето. Од увидот во белешките, може да се заклучи дека расправата меѓу странките во спорот и судијката Јованка Спировска-Панева поминала вообичаено, без прекршувања на процедурата и без „дерење“, „вербална агресија“ и „малтретирање“ од страна на тужителот, како што тврди тужената странка.

Вистина е дека судијката ги отстрани новинарите од делот на соочувањето на странките. Рочиштата за клевета и навреда знаат да бидат емотивни и расправата да се води со повисок тон меѓу странките и нивните правни застапници, особено кога тие стојат простум еден спроти друг и се соочуваат. Така било и овој пат. Сепак, репортерот на Плусинфо, од она што можело да се слушне од зад затворени врати, не добил впечаток дека имало „агресија и засилени вербални напади“, како што тврди Цветковска.

Инаку, право на правните застапници на тужителот и на тужената е да сугерираат што да влезе или што да не влезе во записникот, а работа на судијата е да одлучува кои прашања и одговори се релевантни, допуштени и во прилог на утврдување на фактичката состојба. На оваа вообичаена пракса сме биле сведоци во многу кривични и граѓански спорови за делата навреда и клевета. Репортерот на Плусинфо не добил впечаток дека на ова рочиште судијката демонстрирала пристрасност во полза на тужителот, како што тврди тужената Цветковска.

Но, не мора секој да се согласува со впечатоците на репортерите. Затоа, Плусинфо му стои на располагање на Судскиот совет, да му ја достави на увид документираната расправа на рочиштето од 13 октомври, со цел членовите на ова тело самите да се уверат дали има било што спорно во нејзиниот тек, а особено дали имало „дерење“, „вербални напади“, „агресија“ и пристрасно поведение на судијката Јованка Спировска-Панева.

Поврзани содржини