На радиодифузерите што не платиле годишен надоместок нема да им бидат одземени дозволите

Одлуката ја донел Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поттикната од определената државна помош за нив.

286

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, врз основа на Одлуката на Владата од петтиот пакет економски мерки со која се обезбеди финансиска помош за радиодифузерите во висина од 50.000.000 денари, на вчерашната седница одлучи да ги запре сите покренати постапки за одземање на дозволи по основ на неплатен годишен надоместок за радио и телевизиско емитување.

Советот, како што е соопштено,  одлучил да не се покренуваат нови постапки за одземање заради неплаќање на надоместокот за дозволите за 2021 година.






„На сите радиодифузери, кои имаат извршено целосна или делумна уплата на надоместокот за дозволата за радио или телевизиско емитување во 2021 година, Агенцијата ќе им ги врати средствата најдоцна до 13 март 2021 година.Радиодифузерите на кои им е издадена фактура за годишен надоместок за дозвола, а истиот го немаат платено, како и радиодифузерите на кои допрва ќе им биде доставена фактура, немаат обврска за плаќање бидејќи нивната обврска во целост е исполнета со финансиските средства од пакетот економски мерки“, се наведува во соопштението.

Дополнително, Агенцијата ги информира радиодифузерите дека издадените фактури за годишниот надоместок за дозвола за телевизиско и радио емитување во 2021 година им служат само за нивна евиденција и за истите нема да можат да вршат поврат на данокот на додадена вредност, бидејќи се платени во целост од средствата одобрени со Одлуката на Владата на РСМ.

Според соопштеното, Агенцијата во рок од 15 дена од завршувањето на овие активности ќе достави извештај до Владата на РСМ и до Управата за јавни приходи за искористените средства од пакетот економски мерки, а преостанатите неискористени средства ќе бидат вратени на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија.

 

 

Поврзани содржини