НА ПРИЕМ ЗА ФУДБАЛЕРИ ТРАМП СЕ ФАЛЕШЕ СО ВОЈНАТА ВО ИРАН „Целосно ги уништуваме“

Трамп со гордост истакна дека е единствениот претседател кој го донел Лионел Меси во Белата куќа.

229

Американскиот претседател Доналд Трамп на прием во Белата куќа организиран за фудбалерите на Интер Мајами зборуваше и за воените операции против Иран, тврдејќи дека американската војска му нанесува силни удари на иранскиот режим. Трамп рече дека операциите се одвиваат успешно и дека САД ја користат својата воена надмоќ.

– Со нашите израелски партнери целосно го демолираме непријателот, многу побрзо од очекуваното и на нивоа какви што луѓето досега не виделе. Секој час уништуваме сè повеќе ирански ракети и беспилотни летала, онеспособувајќи ги на начини кој никој не можеше да го замисли. Штом ќе испукаат ракета, во рок од четири минути, нашите сили го уништуваат фрлачот – изјави Трамп.






Додека Трамп го држеше својот говор, беше јасно дека фудбалерите не се чувствуваат удобно. Тој објаснуваше зошто воената кампања со кодно име „Епски бес“ е неопходна, тврдејќи дека во изминативе години во терористички напади иранците убиле над 1.200 Американци. Трамп рече дека Иран е одговорен за голем дел од повредите на американските војници во претходните конфликти.

– Кога ќе видите некој без нозе или раце поради експлозии, во 95 проценти од случаите тоа доаѓа од Хамнеи и од Иран. Ние всушност немавме избор. Ако не би ги нападнале, тие ќе не нападнеа. Тие се луди – рече Трамп, додавајќи дека сега Иранците се јавуваат и бараат договор, но дека сега им е доцна.

– Им реков дека малку доцна се јавуваат и дека сега сакаме да се бориме многу повеќе отколку што тие сакаат – додаде тој.

По говорот за политика, во кој ја спомна и Куба, Трамп им се обрати на фудбалерите. Со гордост истакна дека е единствениот претседател кој го донел Лионел Меси во Белата куќа.

– Мое големо задоволство е да кажам нешто што ниеден американски претседател досега не го кажал: добредојде во Белата куќа, Лионел Меси – рече Трамп, поздравувајќи го фудбалерот.

Тој додаде дека неговиот син Барон е голем обожавател на аргентинскиот фудбалер.

– Тој мисли дека си навистина одлична личност. Тој е твој огромен фан – рече Трамп, обраќајќи му се на Меси.

Церемонијата во Белата куќа беше организирана по повод освојувањето на титулата во американската МЛС лига од страна на Интер Мајами, со Меси како главна ѕвезда на тимот.

 

Поврзани содржини