НА ПРЕГОВОРИТЕ ВО ЖЕНЕВА БИЛ ПОСТИГНАТ „ОПИПЛИВ НАПРЕДОК“ Иран е отворен за инспекции на нуклеарната програма

Нека проверат на кој било начин што ќе го изберат, ние сме подготвени. Истовремено, нема да се согласиме на напуштање на мирновременската нуклеарна индустрија – рече иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

138

Министерството за надворешни работи на Оман денеска соопшти дека на последната рунда индиректни разговори меѓу делегациите на Иран и САД во Женева е постигнат опиплив напредок и оти е отворен пат за идни дискусии.

Разговорите се фокусирале на идентификување на заедничките цели и решавање на техничките прашања, пренесува иранската телевизија „Прес ТВ“. Како што е оценето, сите состаноци поминале во конструктивна атмосфера.






„Состаноците ни овозможија заедно да работиме на воспоставување на водечките принципи за конечен договор“, се вели во соопштението на министерството, при што се додава дека генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, имал значајна улога во олеснувањето на дискусиите.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека се надева оти САД нема да им поверуваат на гласините дека Иран има нуклеарна бомба, како и дека е отворен за „проверка“ за да го докаже тоа.

– Нека проверат на кој било начин што ќе го изберат, ние сме подготвени. Истовремено, нема да се согласиме на напуштање на мирновременската нуклеарна индустрија, која е потребна за медицински, земјоделски и индустриски цели, рече Пезешкијан.

По американско-иранските преговори за иранското нуклеарно оружје, кои денеска се одржаа во Женева, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека е постигнат напредок и додаде дека Техеран и Вашингтон ќе работат на нацрти кои би можеле да бидат основа за можен договор.

Преговорите се одвиваат во услови на засилени регионални тензии, а американскиот претседател Доналд Трамп нареди дополнително воено распоредување во регионот, вклучувајќи и носач на авиони со илјадници војници, воени авиони и разорувачи со наведувани ракети.

Техеран соопшти дека одлучно ќе одговори на секој напад.

Поврзани содржини