НА ПОВИДОК Е ДОГОВОР Колев вели Бугарија ќе попушти за Уставот, а Македонија ќе го признае Самоил за бугарски цар

Не можев да замислам дека ќе бидам сведок на таков брутален фалсификат и кршење на основните човекови права, како што е правото на самоопределување на граѓаните на РС Македонија, oва за БГНЕС го изјави Колев.

3,703

Лидерот на Граѓанско-демократската унија, партијата на Бугарите во Македонија, Петар Колев, најави дека е на повидок компромис меѓу Бугарија и Македонија, со којшто Софија ќе се откаже или ќе го одложи барањето бугарската заедница да се внесе во Уставот, а за возврат ќе го „добие“ цар Самоил, кој ќе биде признат од македонската страна како бугарски цар. По ова, Владата на Кирил Петков наскоро ќе го подигне ветото за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ, прогнозира Колев.

Тој упати критики на сметка на спроведувањето на Пописот, кој го нарече фалсификат.






– Не можев да замислам дека ќе бидам сведок на таков брутален фалсификат и кршење на основните човекови права, како што е правото на самоопределување на граѓаните на РС Македонија – oва за БГНЕС го изјави Колев по повод пописните податоци, според кои во Македонија живеат 3.504 Бугари.

– Не е важно дали се работи за Бугари, дали ќе одат на попис, на парламентарни избори или на фудбалски натпревар. Официјално се 3.500. Нашата партија лани учествуваше на парламентарните избори и ги доби фамозните 3.555 гласа. После една година има попис во РСМ и Бугарите се бројат како 3.504. Следно што очекувам е дека ако има фудбалски натпревар, тогаш статистиката да биде дека 3.517 Бугари го гледале овој фудбалски натпревар во РСМ. Сето ова ќе беше смешно да не беше жално и да не беше трагично – вели Колев.

Тој се надева дека сега „ќе се запалат светилките“ на некои луѓе во Бугарија кои носат важни политички одлуки. Колев е дециден дека оваа бруталност и варварство кон основните европски вредности, кои се провлекуваат со децении во РСМ, мора веднаш и веднаш да престане.

– Ова е измама со достоинството на нашите сонародници, ова е измама со мене. Очекувам да има јасна и дефинитивна реакција од официјална Софија – изјави лидерот на ГДУ.

Тој откри и некои негови сознанија за начинот на кој, според него е спроведен овој „таканаречен попис“.

– Единствената етничка заедница која порасна повеќекратно е бугарската. Сите други заедници се намалуваат во бројот, вклучувајќи ги и Србите, кои се намалени за 17.000. Единствените што се зголемија од претходниот попис се Бугарите. Го познавам нашиот семеен модел, никогаш не сум сретнал некој со десет деца. Имаме во просек по две деца. Единствена заедница во која има тотална диспропорција меѓу мажите и жените е бугарската. Ако во сите други заедници постои одреден паритет меѓу мажите и жените, тогаш кај Бугарите мажите се 35% повеќе од жените. Односно разликата е речиси два до еден мажи во споредба со жените. Кој тогаш ги роди овие бугарски деца за овие 20 години, ако нашите жени се толку малку? Ви ги давам овие примери затоа што се апсурдни. Ова е нешто што еден искомплексиран ум во Скопје уште еднаш сака да го демонстрира како грубо однесување не само кон нас македонските Бугари. Навикнати сме на оваа бруталност. Сакам да знам кога нашите браќа во Софија ќе се разбудат и со вистински очи ќе погледнат на овој потсмев што им се случува под нос со македонските Бугари – рече Колев.

Поврзани содржини