На пописот може да се пишете и Марсовци
Нема никакви ограничувања во однос на тоа кој како ќе се изјасни за етничката припадност, макар тоа биле и апсурдни одговори, рече директорот на Државниот завод за статистика Симовски.
Ако се влоши епидемиолошката слика во земјава пописот ќе се одложи, најави денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по неговата средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи и претставници на трите најголеми верски заедници во земјава.
– Во овие моменти има услови да се спроведе пописот на терен, но секој поединец мора да ги почитува безбедносните протоколи. Ако ситуацијата дојде таква што спроведувањето на пописот биде нецелисходно и Комисијата за заразни болести препорача одлагање, ние апсолутно ќе го почитуваме тоа. Нема да дозволиме никој да биде ставен во опасност и да бидеме причина за ширење на вирусот – истакна Симовски, одговарајќи на новинарско прашање дали Заводот размислува за одлагање на пописот, имајќи предвид дека расте бројот на новоинфицирани со ковид-19.
На првиот конкурс во 15-16 региони не се пријавиле доволен број попишувачи, поради што е објавен дополнителен конкурс што треба да заврши во недела.
Симовски нагласи дека почнувајќи од првиот попис во земјава по Втората светска војна во 1948 година, па и на сите наредни, секој можел слободно да се изјасни за својата етничка припадност онака како што сака.
– Така ќе биде и сега. Нема никакви ограничувања во однос на тоа кој како ќе се изјасни за етничката припадност, макар тоа биле и апсурдни одговори. Ако сакате после пописот, ќе можете да видите и колку Марсовци има кај нас. Сѐ што ќе има како податок ќе биде видливо – истакна Симовски.
Министерот Османи рече дека се користат сите можни начини за информирање на иселениците за пописот.
– Во наредните денови ќе имам посети низ европските држави каде покрај со моите колеги, ќе имам средби и со претставници на нашата дијсапора за да им пренесам дека сме во фаза на попис – рече Османи и нагласи дека лидерите на верските заедници презеле одговорност преку своите мрежи да ги информираат нивните верници во странство за процедурата за попис.
Според неговите информации, во првите неколку дена се самопопишале повеќе од 25.000 граѓани.
– Пред нас се уште дополнителни 45 дена и доколку сите се ангажираме верски заедници, државни институции, медиуми, секој информирајќи ги своите членови од семејството кои се надвор за овој процес мислам дека ќе имаме историска слика за нашата дијаспора и тоа ќе даде значителен импакт во подготвувањето на нашите политики кон дијаспората што ќе има значење и за луѓето тука и тие што се надвор – додаде Османи.
Од Европската комисија, пак, ја охрабруваат Северна Македонија да го спроведе пописот во согласност со сите европски стандарди и регулативи и бараат пописот да не се политизира.
Македонската влада и македонскиот претседател обвинија за неоправдани притисоци од страна на иницијативата на бугарскиот претседател Румен Радев да свика состанок на безбедносните служби за наводно непочитување на правото на самоопределување на Бугарите во Северна Македонија непосредно пред пописот.
– Северна Македонија се охрабрува да спроведе попис во согласност со европските стандарди и регулативите на ЕУ како дел од претпристапните подготовки и Евростат постојано го поддржува Државниот завод за статистика да ги усогласи статистиките со стандардите на ЕУ. Пописот треба да остане статистичка операција, а не политичка, и ги повикуваме сите кои придонесуваат за пописот да го прават тоа на конструктивен начин – изјави за МИА портпаролката на ЕК, Ана Писонеро.