НА ПОПИСИОТ ВО АЛБАНИЈА СЛОБОДНО ИЗЈАСНЕТЕ СЕ КАКО МАКЕДОНЦИ Повик од МНР до македонското малцинство во Албанија
Ќе останеме во интензивна комуникација со претставниците на македонската етничка заедница во Албанија, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓудругото и за идентитетските прашања – се вели во соопштението на МНР.
Во врска со претстојниот попис на населението во Република Албанија, кој почнува на 18 септември и ќе се реализира следните шест недели, макеодонското Министерството за надворешни работи ги охрабрува сите Македонци во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност, согласно законската регулатива и позитивната демократска пракса во Албанија.
„Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, на начин како тоа е постигнато во Северна Македонија, и кое претставува непроценливо автентично политичко и културно наследство.
Препознавајќи ја улогата на Македонците како лојални граѓани на Албанија, претстојниот попис ќе им овозможи преку слободното изразување на својот идентитет, да ја потврдат со тоа и сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност. Со тоа и дополнително ќе се потврди улогата на македонската етничка заедница во Албанија, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави.
Северна Македонија и Албанија се земји со исклучителни пријателски односи. Министерството за надворешни работи и институциите на Република Северна Македонија ќе останат во интензивна комуникација со претставниците на македонската етничка заедница во Албанија, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашањата кои ги засегаат идентитетските прашања.
Продолжуваме активно да се ангажираме за заштита и промовирање на овие права на ист начин како што тоа го правевме и досега“ – се вели во соопштението на МНР.