На овој број пријавете лихва, анонимно!
Министерството за внатрешни работи ги повика граѓаните анонимно да пријават лихварство на бесплатниот телефонски број 0800 00 201.
Министерството за внатрешни работи (МВР) ги повика граѓаните анонимно да пријават лихварство на бесплатниот телефонски број 0800 00 201. Со ова МВР почна акција чија цел е сузбивање на незаконската појава на позајмување пари за несразмерна имотна корист (многу висока камата), позната како лихварство.
Според Кривичниот законик, лихварството се казнува. Тој што за услугата што му ја прави на некое лице прима или договара за себе или за друг несразмерна имотна корист искористувајќи ја неговата тешка имотна состојба, тешките станбени прилики, нуждата, недоволно искуство или лекомисленоста, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
Се казнува и оној што неовластено се занимава со давање пари или други потрошни предмети на заем со договор и притоа договара несразмерна имотна корист.