НА ОВИЕ ИЗБОРИ НЕМАМЕ ПРАВО НА ГРЕШКА Ванковска најави покренување постапка за излегување од НАТО
Покренување на постапка за излегување од НАТО е неопходна. Како сиромашна земја која нема економски развој, а секоја година издвојува повеќе од 2% од својот вкупен национален доход, само тоне во сиромаштија. Притоа она што го издвојуваме оди за финансирање туѓи војни! - вели кандидатката за претседател од Левица, Билјана Ванковска.
Покренување постапка за излегување од НАТО е неопходна, истакна Билјана Ванковска, кандидатката за претседател од Левица, на денешната средба со граѓаните во Карпош на која присуствуваа и кандидатите за пратеници од Левица во Изборна единица 1, Дарко Ристовски и Катерина Јовановска,.
На средбата беа презентирани делови од програмата на Ванковска за претстојните избори.
– Ако сакаме достоинство, овие избори немаме право на грешка. Мора да излеземе и да гласаме за да се прашува народот – порача Ванковска.
Во изјавата, од општината која е и нејзин дом, професорката како различна понуда од сите останати ја истакна заложбата за излегување од НАТО.
– Покренување на постапка за излегување од НАТО е неопходна. Како сиромашна земја која нема економски развој, а секоја година издвојува повеќе од 2% од својот вкупен национален доход, само тоне во сиромаштија. Притоа она што го издвојуваме оди за финансирање туѓи војни! – рече Ванковска.
Ванковска пред Карпошани ги повтори и заложбите од нејзината изборна програма за носење на нов Устав.
– Нужно е да донесеме нов Устав наместо да се надмудруваме кој ќе влезе во преамбулата. Тој Устав ќе биде современ, таков каков што ќе го донесеме за себе како политичка заедница која нема да биде делена по етнички квоти, со олигархии и етнотрибализам, туку социјален Устав, заснован на принципите на социјална класна правда и еднакви можности – истакна Ванковска.
-Сонцето и Белите мугри на Рацин изгреваат на исток! Иако ни кажуваат политички мудрости дека сонцето излегува на запад, на запад се случуваат драматични работи, светот се менува и ние треба да гледаме на сите четири страни – рече претседателската кандидатка од Левица.
Ванковска и кандидатите на Левица за пратеници од ИЕ1 Ристовски и Јовановска денеска положија цвеќе на споменикот на паднатите борци во НОБ од Нерези кај мостот “Обединети нации” – симболот на заедништво во историската борба за слободна Македонија.