НА ОПОЗИЦИЈАТА ЌЕ Ѝ БИДЕ ТЕШКО, А НА ВЛАСТА УШТЕ ПОТЕШКО Ќе има ли 61 глас да се избере нов министер на местото на Аријанит Хоџа?
Следува тотална блокада на системот, бидејќи вчера покажавме дека не функционира правната држава и не функционира демократијата, туку функционираat законот на посилниот и законот на парите, вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Власта останува власт само на хартија. Имаме власт со 59 пратеници, а опозиција со 60 пратеници. Оваа ситуација е неодржлива. Државата е парализирана. Следува тешка политичка криза.
Вака политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо ја коментираат актуелната политичка состојба, по вчерашниот неуспешен обид на опозицијата да го обезбеди потребниот кворум од 61 пратеник во Собранието за да ѝ се изгласа недоверба на владата.
Првиот тест ќе биде оставката на министерот за земјоделство Аријанит Хоџа. Тој е припадник на Беса и уште синоќа најави дека денеска ќе поднесе оставка. На првата наредна седница Собранието ќе треба да избере нов министер. А министер се избира со мнозинство од вкупниот број пратеници, мнозинство какво што владата на Зоран Заев сега го нема.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, веќе ги повика политичките партии од опозицијата да се радикализираат и да го изнесат членството на протести, да почнат со правење блокади и да го парализираат Собранието, кое, како што рече, од синоќа на полноќ практично не постои.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, вели дека власта е веќе падната и покрај тоа што на вчерашната седница не беше обезбеден кворум за изгласување недоверба.
– Што и да сака да каже СДСМ, власта е веќе падната. Дали Заев ќе продолжи со лагата за оставката, тој само ја дозакопува СДСМ. Власта е падната и тоа не зависи од одлучноста или неодлучноста на некој Кастриот Реџепи, кој одеднаш поверувал во „продолжениот кабел“ од модуларната болница, или, пак, можеби добил 500.000 причини за да помогне да се подели парламентот на половина. Власта е падната затоа што не се знае дали ќе се гласа на струја или на свеќа – посочува Стоилковски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски очекува опозицијата да го парализира парламентот и да им оневозможи на властите да го изгласаат буџетот или други важни закони.
– Сега влегуваме во таква криза од којашто нема да се извлечеме во ниедна варијанта. Државата практично нема да функционира. Следува тотална блокада на системот, бидејќи вчера покажавме дека не функционира правната држава и не функционира демократијата, туку функционираaт законот на посилниот и законот на парите. Тоа значи дека ќе тонеме во многу длабока криза. Ниту ќе имаме функционален парламент, ниту ќе имаме функционална влада. Од Движењето Беса вчера најавија дека дефинитивно излегуваат од владата, а тоа значи дека повторно ќе треба да има гласање за владата – објаснува Пекевски.
Излезот од ваквата криза тој го гледа единствено во распишување предвремени парламентарни избори.
– Ако сакаме да излеземе од политичката криза, тогаш апсолутно ни се потребни нови предвремени парламентарни избори. И распишувањето на изборите мора да се случи што е можно побрзо, со оглед на тоа што во моментов не функционира Собранието и не функционира владата. Јас сум убеден дека во следниов период опозицијата ќе се радикализира, односно нема да се појавува на собраниските седници, а што е најважно, нема да учествува во изгласувањето на буџетот. Пратениците од опозицијата ќе го блокираат парламентот и нема да одат на работа. Секако, тука постои можност властите да купат еден или двајца пратеници, но со тоа ќе покажат дека тонат. Така правеше и експремиерот Никола Груевски, а потоа падна. Оти, кога работите се тераат на сила, ефектот е краткотраен – вели Пекевски.
Нема да биде чудно доколку кај пратениците на опозицијата се разбуди креативното чувство, па собраниските седници ги претворат во поетски читања.
И политикологот Димитар Христов смета дека политичката криза ќе се продлабочи, а како што вели, опозициските пратеници повторно ќе почнат да читаат поезија наместо да гласаат за буџетот или за други закони.
– Сега дефинитивно влегуваме во нова политичка криза и ќе следуваат тешкотии околу гласањето на буџетот. Со оглед на сето тоа што вчера се случуваше во парламентот, очекувано е опозицијата да се радикализира и практично да го блокира функционирањето на Собранието. Во следниот период очекувам блокирање на сето она што власта ќе сака да го спроведе, а нема да биде чудно и доколку кај пратениците на опозицијата се разбуди креативното чувство, па собраниските седници ги претворат во поетски читања – објаснува Христов.
Аналитичарот Сефер Селими, пак, смета дека партијата на Али Ахмети уште пред една деценија требало да премине во опозиција, бидејќи, како што вели, тоа би било здраво за албанското општество, како и за самата политичка партија.
– Проблемот во албанската опозиција е што целосно се фокусира кон ДУИ, нивниот наратив и политичка платформа се доминирани од ДУИ и поради тоа не можеме да ја разбереме визијата на албанската опозиција. И затоа е полесно да градите кампања и наратив само со спротивставување. Овој избрзан чекор е испуштена историска шанса од албанската опозиција да го стави под притисок ДУИ и во политички натпревар да добие повеќе гласови – вели Селими.
Од друга страна, пак, поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека Заев не бира средства како да ги уништи сите албански политички партии освен ДУИ.
„Разочаран од поразот на изборите од ВМРО-ДПМНЕ и уплашен од јавните закани што ги упатува ДУИ, Зоран Заев не бира средства и методи, една по една да ги уништи сите други политички партии на Албанците, како тие да му се виновни“, пишува Хајредини на Фејсбук.