НА ОНКОЛОГИЈА ГО ИСКЛУЧИЛЕ СИСТЕМОТ КАТО ЗА ДА МОЖАТ ДА КРАДАТ! Обвинување од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ

Во 2017 година СДС ја презема власта, го поставува својот Нино Васев за директор, а тој го укинува, го исклучува, го затвора системот, според медиумите, „за да заштедел на ќеси"!? Оттогаш почнува криминалот – рече Наум Стоилковски.

225

Како директорот на Онкологија извадил документ дека неговата мајка боледува од канцер, иако тоа не било точно, и уште колку пациенти заведени со фалсификат има на Онкологија на штета на болните – праша денеска на прес конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

– Онкологија поседува КАТО-систем од 2016 година и има обучен персонал за него. Систем вреден тогаш 350.000 евра. Во 2017 година, СДС ја презема власта, го поставува својот Нино Васев за директор, а тој го укинува, го исклучува, го затвора системот, според медиумите, „за да заштедел на ќеси”!?






Оттогаш почнува криминалот на штета на пациентите, со допишување фиктивни пациенти, продажба на лекови. Криминалот е толкав што директор на Клиниката вади документ со лажна дијагноза – за рак на бели дробови на име на мајката. Па, како се вади лажна документација за канцер? Колку такви пациенти се запишани? Што се се случува на Онкологија – праша Стоилковски.

Тој нагласи дека, според познавачите, КАТО-системот ги чува цитостатиците, ги дозира онколошките терапии за секој пациент посебно, без шанса да се манипулира со дозите и терапиите, секој цитостатик го искористува до максимум и подготвен останува во фрижидерот, стабилен за употреба дури до 28 дена. Дозирањето е прецизно и безбедно, без загуби, без токсични труења на медицинскиот персонал!

– Тоа значи и без можност раце, за крадење и ставање вода на пациенти за лекот да заврши на црн пазар!

Значи 6 години КАТО е исклучен, со години се укажува на криминалот, има случаи на фатени кражби и продажби, се менуваат директори, ама никој – баш никој, ниту владата, ниту министер, ниту доктор, ниту обвинителство, не прашува зошто КАТО-системот стои исклучен кога е купен, и не се враќа системот во употреба!?

И сега, откако грозоморието со трговија со животи на Онкологија излезе во јавност, на министер за здравство му текна дека има систем што спречува крадење, па ќе се обидел да го вклучи!?

Ова кажува само две работи – гајле им е за пациентите, гледаат да се спасат од одговорност, а одговорни се сите до еден!

И второ, бегајќи од одговорност имаат отворена можност да вршат влијание врз истрагата и оформувањето на предмет со вистинска содржина – рече Стоилковски.

Поврзани содржини