НА ОДБРАНАТА Ѝ НЕДОСТИГААТ ИСКАЗИ НА СВЕДОЦИ Сведокот Трајче Димишковски ќе сведочи и во четврток

61

Сведокот Трајче Димишковски ќе сведочи и во четврток зашто одбраната се пожали дека не ги добила записниците од неговиот исказ даден во Јавното обвинителство.

Тој бил вработен како возач-доставувач од 2008 година во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Како дополнителна работа бил вработен во агенцијата „Рубикон секјурити“ од нејзиното формирање во 2023 година до август 2025. Во „Рубикон“ бил ангажиран за обезбедување на средните училишта, како одговорен, главно во втора смена. Димишковски имал лиценца за обезбедување од 2004 година.






Сведокот рече дека Јане Јанчевски му давал задачи. Тој обезбедувал и концерти, како и еднаш или два пати дискотеката „Мираж“ во Струмица.

– Во училиштата моравме да носиме униформа, таков е законот, и легитмација издадена од МВР – рече сведокот.

Во април 2025 добил полномошно од Јане Јанчевски да потпишува за плати во „Рубикон“, оти немало кој да потпишува.

– Полномошното беше само за плати, немаше други задолженија. Сѐ течеше тековно, луѓето се договараа меѓу себе за смените и кој каде да оди. Ми требаше совет како да направам вирмани, го прашав Нацев како да ги подготвам платите – рече сведокот.

На прашање кој ги изготвувал документите за плати, рече дека биле направени од сметководството, а тој само ги потпишувал и ги носел во банка.

– Зошто вас ве ангажираа за платите кога немате стручност и сте барале помош? – праша обвинителот.

– Тогаш мораше да се пуштат плати, се доцнеше со рокот за исплата. Имаше и други вработени, но јас бев најслободен оти бев ангажиран за средните училишта и можев да одам – рече сведокот.

Нему му бил даден и печат, кој бил во ташната со документацијата, која била во службеното возило на агенцијата кое тој го користел.

Обвинителот рече дека сведокот дава сосема различен исказ од испитувањето во истрагата и побара дозвола да прочита дел од исказот. Одбраната рече дека го нема тој записник, а од Обвинителството возвратија дека сѐ е доставено.

– Овие два сведока, овој и претходниот, се само во листа на докази во вториот интегрираниот обвинителен акт, а нема записници од искази во ЈО – рече адвокатот Еленко Миланов.

Обвинителот рече дека ниеден бранител, освен Шилегов и Лаличиќ, не дошле во Обвинителството да ги земат дополнителните материјали, кои им биле подготвени за преземање на УСБ.

Адвокатот Димитар Дангов рече дека пред да бара записник обвинителот треба да се изјасни дали сведокот отсега го смета за непријателски.

Судијката изрази загрижеост што одбраната вели дека ги нема записниците од исказите.

Дангов реагираше:

– Не може Јавното обвинителство да вели, дојдете јас ќе ви го дадам на УСБ. Треба да го даде на судот, а судот на нас. Не е тоа повик, кој сака, нека дојде да ги земе.

На предлог на адвокатката Лаличиќ, судот даде пауза со цел заинтересираните адвокати да направат увид во записниците и да се запознаат со доказите.

По паузата дел од адвокатите рекоа дека бараат да се прекине со овој сведок.

Одбраната на обвинетите Александар Нацев, Јане Јанчев и „Рубикон секјурити“ предложи да се прекине распитот за да можат до следната расправа да се запознаат со целиот негов исказ, особено што дел од одбраната овој сведок го има предложено и за директно испрашување.

Судот донесе решение да го прекине сослушувањето на овој сведок и му посочи дека треба да се јави на следната главна расправа во четврток, за да не се повреди правото на одбрана.

 

Поврзани содржини