НАЈНОВО ИСТРАЖУВАЊЕ Болеста ковид-19 може да предизвика неплодност, но не и вакцината

Постојат докази кои сугерираат дека инфекцијата со САРС-КоВ-2 може да влијае на нивото на плодност кај мажите и жените и секако врз здравјето за време на бременоста, вели доктор Џенифер Кавас.

1,054

Една од причините зошто некои луѓе не сакаат да се вакцинираат е загриженоста дека вакцината против ковид-19 може да предизвика неплодност. Иако нема докази дека некоја од вакцините против коронавирусот предизвикува проблеми со плодноста, постојат индикации дека таков проблем може да предизвика потешка форма на ковид.

– Постојат докази кои сугерираат дека инфекцијата со САРС-КоВ-2 може да влијае на нивото на плодност кај мажите и жените и секако врз здравјето за време на бременоста. Од друга страна, нема докази дека вакцината има негативен ефект врз машката или женската плодност – вели д-р Џенифер Кавас. од Медицинскиот факултет на Универзитетот Емори, Атланта.






Проблематични рецептори

Од почетокот на пандемијата, научниците ги проучуваа ефектите на коронавирусот врз човечкиот репродуктивен систем. Иако нема докази дека ковид-19 може да се пренесе сексуално, експертите веруваат дека клетките на репродуктивниот систем може да бидат цел на вирусот затоа што имаат некои од рецепторите преку кои коронавирусот влегува во клетките.

Дека вирусот може да влијае на плодноста не е невообичаено. На пример, хуманиот папилома вирус (ХПВ), хепатитис Б, хепатитис Ц и ХИВ се поврзани со намалена плодност. Иако сѐ уште не е познато со сигурност дали респираторниот вирус, како коронавирусот, може да го има истиот ефект, проблематично е што репродуктивните органи ги имаат оние рецептори што ги цели вирусот ковид-19, пишува „NBC News“.

Покрај тоа, веќе е познато дека еден од симптомите на инфекција со ковид-19 – температура од околу 39 степени што трае најмалку три дена – може да предизвика проблеми со плодноста, особено кај мажите.

Намален број на сперматозоиди, воспаление на тестисите…

Според неодамна објавената студија, умерена до тешка инфекција со ковид предизвикува намален број на сперматозоиди, воспаление на тестисите, воспаление на ејакулаторниот канал и болка во тестисите кај мажи во репродуктивна возраст. Иако овие не се вообичаени компликации на инфекција со коронавирусот, овие фактори често се поврзуваат со намалена плодност.

Д-р Ева Фајнберг од Универзитетот Нортвестерн рече дека забележала, иако сѐ уште не верува дека самиот вирус предизвикува неплодност, дека некои од нејзините машки пациенти имале проблеми со низок број на сперматозоиди по надминување на ковид-19.

– Не е познато дали имале низок број на сперматозоиди дури и пред инфекцијата со коронавирусот – додаде таа.

Симптомите на болеста, а не самиот вирус, можат да бидат одговорни за проблемите со зачнување на деца.

– Секоја инфекција, особено онаа со висока температура, може да влијае на производството и овулацијата на спермата – вели д-р Марсел Седарс од Универзитетот во Калифорнија.

Студија наречена „Understanding the cross-talk between mediators of infertility and COVID-19“ беше објавена во списанието „Reproductive Biology“.

Поврзани содржини