НАЈНИЗОК ОДЗИВ НА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ДОСЕГА Излезноста на гласачите за прв пат не надмина 50 отсто

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), во првиот круг за градоначалници одѕивот е 48,30% од вкупно регистрираните избирачи, а неофицијално, во вториот круг изезноста е 41,24%.

385

Одѕивот на изборите за градоначалници и советници за првпат не надминува 50 проценти, ниту во првиот круг, ниту во вториот круг, што ги прави осмите локални избори со најмала излезност од независноста на Македонија досега.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), во првиот круг за градоначалници одѕивот е 48,30% од вкупно регистрираните избирачи. Од 1.832.415 избирачи во Избирачкиот список, гласале 885.085 избирачи. Излезноста во вториот круг на локалните избори 2025, според податоците на ДИК од обработени 98,26 % од податоците, изнесува 40,46 проценти. Според првичните неофицијални податоци на ДИК излезноста во вториот круг е 41,24%.






Во вториот круг најголема излезност има во Росоман, 79,68% и во Лозово – 77,85%, додека најмала во Куманово, 35,70% и во Шуто Оризари – 32,03%

За избор на градоначалник на Скопје излезноста во вториот круг изнесува 35,33 проценти. Од вкупно 474.304 избирачи, гласале 167.575. Најголема излезност има во општините Карпош – 50,52% и Центар – 47,59%, во кои, исто така се гласаше и за општински градоначалник во втор круг. Најниска излезнсот има во Сарај – 12,27% и во Чаир – 14,15%, каде се гласаше само за градоначалник на Град Скопје.

Најголема излезност во првиот круг на изборите за градоначалници во земјава имало на Локалните избори во 2013 година, кога на гласање излегоа 67% од гласачите, по што е во постојан пад.  На локалните избори во 2017 година изнесуваше 60 отсто, а во 2021 година, 50,57%.

Излезноста во вториот круг на локалните избори генерално е секогаш помала, споредено со првиот круг. Најголема излесност во втор круг имаше на локалните во 2013 година, кои беа први избори на кои се избираа градоначалници во 80 општини и во Градот Скопје, кога изнесуваше 65%. Оттогаш е во постојан пад и на изборите во 2017 година изнесуваше 52 отсто, во 2021 година – 50,69%, а на последние избори – 41,24%.

На овие избори во 4 општини во првиот круг не беше постигнат потребниот цензус на излезност од над една третина од запишаните избирачи и тоа во Гостивар, Центар Жупа, Маврово Ростуше и Врапчиште. Во овие општини ќе се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од Локалните избори 2025.

Првите локални избори во независна Македонија се одржаа на 17 ноември 1996 година и се избираа советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Имаше вкупно 683 кандидати за градоначалници и 747 кандидатски листи за членови на општинските совети. Одѕивот на гласачите во првиот круг беше 60%, а во вториот круг 51%. На овие избори право на глас имаа 1.419.081 избирач.

Вторите локални избори се одржаа на 10 септември 2000 година, на кои се избирани советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Имаше 323 кандидати за градоначалници и 564 кандидатски листи за членови на општинските совети. На овие избори право на глас имаа 1. 634.859 избирачи. Одѕивот во првиот круг беше 59%, а во вториот 53%.

Третите локални избори се одржаа на 13 и на 27 март 2005 година и беа избирани советници и градоначалници во 84 општини и во Градот Скопје. Ова беа првите локални избори по новата територијална распределба и намалувањето на бројот на општините на 80 плус Град Скопје. Имаше 379 кандидати за градоначалници и 445 кандидатски листи за членови на општинските совети. На овие избори право на глас имаа 1.711.293 избирачи. Одѕивот на гласачите во првиот круг беше 56,36%, а во вториот 53,66%.

Четвртите локални избори се одржаа на 22 март 2009 година, на кои се избираа градоначалници и советници во 84 општини и Градот Скопје. Вкупно беа поднесени 364 листи за градоначалници и 702 кандидатски листи за советници. На овие избори право на глас имаа 1.792.082 избирачи. Одѕивот во првиот круг беше 57%, а во вториот круг 43%.

Петтите локални избори се одржаа на 24 март 2013 година, а се избираа советници и градоначалници во 80 општини и Градот Скопје. Имаше вкупно 350 кандидати за градоначалници и 480 листи на кандидати за советници. На овие избори, право на глас имаа 1. 743.403 гласачи. Одѕивот во првиот круг беше 67%, а во вториот 65%.

Шестите локални избори се одржаа на 15 октомври 2017 година, на кои се избираа градоначалници и советници на 80 општини и Градот Скопје. Имаше вкупно 257 кандидати за градоначалници и 371 кандидатска листа за советници. Право на глас имаа 1.814.644 граѓани запишани во избирачкиот список. Во првиот круг излезноста беше 60%, а во вториот круг 52%.

Седмите локални избори се одржаа на 17 и 31 октомври 2021 година. Право на глас имаа 1.824.864 гласачи. Излезноста во првиот круг беше 50,57%, а во вториот круг 50,69%. Имаше вкупно 299 кандидати за градоначалници и 572 кандидатски листи за членови на општинските совети.

Поврзани содржини