На нива со компјутер, дрон за анализи, вака ќе изгледа земјоделството во иднина
Стартап компании добија можност први да почнат со дигитализација на земјоделското производство. Вкупниот буџетот за финансирање на четирите решенија изнесува 6 милиони денари.
Четири стартап компании со своите дигитални решенија ќе работат на трансформација на земјоделскиот сектор, а за тоа ќе бидат поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Компанијата „8ТЕК“, ќе работи на проектот „FIELLDTEQ – дигитална земјоделска мултијазична платформа и мобилна апликација”, „АгФутура Технологии“ на проект „Центар за дигитално земјоделство“, „ 2Агродидаем Технологија“ – Битола на проектот „Агромилк Д21- Контролер за резервоари за млеко” и „Дрон Опс“ од Штип на проектот „Конструкција на дрон за набљудување, мерење и аналитика“.
Вкупниот буџетот за финансирање на четирите решенија изнесува 6 милиони денари.
За поединечен предлог проект, ФИТР обезбедува финансирање до 90 отсто од вкупниот буџет, во максимален износ од 1,5 милиони денари. Апликантот треба да обезбеди минимум 10 отсто од вкупниот буџет на проектот, а рокот за реализација на проектите е 12 месеци.
Поддржаните компании ќе добијат и менторска поддршка и поддршка во комерцијализација на иновациите од страна на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).
На предизвикот кој беше отворен од 16 март до 16 април оваа година се пријавија вкупно 38 компании.