НА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ НЕ МОЖЕМЕ ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ Српска докторка вели дека делта-сојот е силен како ураган
Заштитните маски, одржувањето дистанца, редовна хигиена и вакцината се единствената заштита. Без овие работи е исто како да живеете во куќа без темел. Ќе дувне силен ветер и ќе ја однесе куќата, вели д-р Владанка Стефановиќ, анестезиолог од Србија.
Пациентите кои не се вакцинирани против коронавирусот ќе развијат тешка клиничка слика за само една недела по заразувањето со ковид-19, а по две недели ќе мора да бидат ставени на респиратор, предупредува д-р Владанка Стефановиќ, анестезиолог од КБЦ „Звездара“ во Србија.
Таа вели дека никаква терапија не им помага на оние кои не примиле вакцина против ковид-19, а како што посочува, тие луѓе најчесто умираат доколку се заразени со делта-сојот.
– Делта-сојот на коронавирусот е многу посилен од претходните соеви. Најпрво имавме 15 дена инкубација, а потоа 15 дена полесна слика. Но, сега, тој период е преполовен. Едноставно, ништо не можеме да сториме за пациентите кои не се вакцинирани, главно машките пациенти, а кои имаат и дијабетес, зголемен крвен притисок или вишок килограми. Исто така, во ризична категорија се и повозрасните пациенти кои имаат некое малигно или автоимуно заболување – вели д-р Стефановиќ.
Докторката објаснува дека на респиратор во Србија се приклучени околу 50 пациенти, меѓу кои и млади лица до 30 години.
– Дури 90 отсто од младите пациенти на интензивна нега не се вакцинирани. Најмногу има пациенти со зголемена телесна тежина, а неодамна почина 36-годишен пациент кој имаше 170 килограми. Заштитните маски, одржувањето дистанца, редовна хигиена и вакцината се единствената заштита. Без овие работи е исто како да живеете во куќа без темел. Ќе дувне силен ветер и ќе ја однесе куќата, но ако куќата е солидно направена, тогаш ништо лошо нема да се случи. Вирусот навлегува во ќелиите ако немате антитела и кога ќе влезе, верувајте, никој не може да го запре. А сте можеле пред тие ќелии да поставите брана – објаснува д-р Стефановиќ.