Најмоќниот антивирусен лек го немаме, пациентите се лечат со фавипиравир

Од Инфективната клиника и од ГОБ „8 Септември“ добивме одговор дека во јавното здравство во Македонија за лечење на ковид-19 не се користат таканаречените ЕКМО апарати.

1,333

Најефикасниот антивирусен лек за лечење на тешки случаи со ковид-19, познатиот ремдесивир, во Македонија не се употребува. Во одредени количества, антивирусниот лек фавипиравир, познат и под комерцијалното име авиган, се употребува во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“. Според досегашните искуства во светот, лекот фавипиравир е ефикасен во раните стадиуми на болеста.

Плусинфо побара одговор од Министерството за здравство со кои лекови се лекуваат пациентите со ковид-19 кои се на болничко лекување.






– Од ГОБ „8 Септември“ информираат дека располагаат со количина на актемра, која се дава при цитокинска бура, фавипиравир во одредени количини, а од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби информираат дека пациентите се лекуваат со пулсно кортико, актемра и дополнително на ова со рутински принципи за лекување – одговорија од Здравство.

Уште во април годинава, министерот за здравство Венко Филипче најави дека земјава ќе набави ремдесивир, но и по седум месеци од избувнувањето на пандемијата тоа не се случи.

– И пациентите во Македонија заболени од коронавирусот ќе се лекуваат со ремдесивир. Денес беа направени и последни административни процедури –  утрово во МАЛМЕД. И сега треба да стасаат сите лекови, кои согласно индикацијата ќе бидат ординирани на пациентите кои треба да ги примаат. Ние сме дел од студијата – рече министерот Филипче, одговарајќи на прашање на Плусинфо поставено во април дали и Македонија е дел од клиничката студија на СЗО наречена „Солидарност”, која се спроведува во повеќе од 90 земји и во која се тестираа следните лекови: ремдесивир, лопинавир/ритонвир, интерферон бета 1а и хлороквин/хидроксихлороквин.

Лекот ремдесивир го немаше ниту во август кога од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје потврдија дека сѐ уште очекуваат да пристигне.

– Во моментов побарувачката за овој лек е голема и наскоро се очекува да имаме повеќе информации околу пристигнувањето. Во периодот досега очекувано е и сѐ уште очекуваме испорака на лекот во склоп на истражувањето „Солидарити“, водено од Светската здравствена организација. Во меѓувреме испратени се и побарувања за набавка на лекот и до неговите производители – рекоа во август од Инфективна.

Антивирусниот лек фавипиравир, познат и како авиган, е познат по добрите резултати кај полесните случаи. Неговата добра страна е што нема контраиндикации, освен кај бремените жени. Лекот актемра е на компанијата „Рош“ (негова паралела е „тоцилизумаб“) примарно е за лекување на ревматиден артритис, но и за астма.

Светските медиуми во почетокот на јули пренесоа вознемирувачка вест дека американската администрација го купила речиси целото количество на лекот ремдесивир за следните три месеци. Американскиот претседател Доналд Трамп склучил „одличен“ договор со „Џилид Сајенсис“ за 500.000 дози, што претставува речиси 100 отсто од вкупното производство на компанијата во месец јули, 90 отсто во август и 90 отсто во септември. Но, кон крајот на јули Европската комисија обзнани дека потпишала договор со „Џилид“ за набавка на лекот ремдесивир, па така, од почетокот на август, 30.000 пациенти со тешки симптоми во земјите на ЕУ и во Велика Британија требаше да го добијат овој лек број еден.

Зошто не се користи методологијата ЕКМО во јавното здравство?

ЕКМО или екстра корпорална мембранска оксигенација е поддршка со апарат на срцевата, на белодробната, или на двете функции кога има акутно белодробно или срцево затајување. Тоа значи дека таа машина привремено ги заменува белите дробови и срцето и третманот со неа може да трае неколку часови или денови (7,8 дена оптимално).

Од Инфективната клиника и од ГОБ „8 Септември“ добивме одговор дека во јавното здравство во Македонија за лечење на ковид-19 не се користат таканаречените ЕКМО апарати.

– Иако првично имаше една позитивна атмосфера во однос на овој третман, сепак не се докажа дека е избор на сигурен третман во лекување на пациентите заболени со ковид-19 – одговорија од Министерството за здравство на прашањето дали се планира да се воведе лекување со технологијата ЕКМО за тешко болни пациенти од ковид-19, со оглед на тоа што таква терапија веќе нудат две приватни болници кај нас и таа дава позитивни резултати.

– Што се однесува до ЕКМО, која е терапевтска процедура од „8 Септември“ информираат дека е потребен адекватен кадар и апарат  – додаваат од Министерството за здравство.

Сепак, во клиничките болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“ со употребата на оваа методологија се постигнаа позитивни резултати во лечењето на тешко болни пациенти од ковид-19.

Во Македонија од ковид-19 починаа 729 лица за седум месеци.

Поврзани содржини