НАЈМНОГУ ПОПЛАКИ ИМА ЗА ДОЦНЕЊЕ НА РЕЗУЛТАТИТЕ Граѓаните почнаа да му пишуваат на министерот за здравство

Досега се регистрирани 90 пријави, најмногу од Скопје. Најчести се поплаките за доцнење на резултати, доцнење на прегледи и ангажмани на доктори во јавниот и во приватниот сектор.

333

Министерството за здравство почна со спроведување на Националната програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем. Таа е прва од ваков тип во нашата држава, која воспоставува нова логика за справување со ризици, дефинирање на стандардизирани протоколи, дигитална платформа за координација во реално време, обуки, симулациски вежби и интероперабилна комуникација меѓу здравствени и безбедносни институции, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.

– Ова е јасна политичка порака, здравјето и безбедноста на граѓаните се неприкосновени, а нашата одговорност е да изградиме систем кој реагира пред заканата, а не по трагедијата. Со овие координирани чекори, нашата држава прави пресврт – од реактивен кон проактивен здравствен систем, подготвен да одговори на секоја закана. Министерството почнува со нова инвестициска фаза од 205 милиони евра за обнова и унапредување на здравствената инфраструктура во Штип, Тетово и во Кичево – рече Алиу.






Во рамки на новата логика активно функционира Алатката за пријавување неправилности, преку која граѓаните можат директно да пријават проблеми во системот.

– Досега се регистрирани 90 пријави, најмногу од Скопје. Најчести се поплаките за доцнење на резултати, доцнење на прегледи и ангажмани на доктори во јавниот и во приватниот сектор. Но, најважно е што овие пријави и претставки не остануваат во фиока, секоја се разгледува од посебна работна група, со цел да има институционална реакција. Ова е јасната политичка порака: времето кога здравствените проблеми се игнорираа заврши. Сега граѓаните имаат глас и тој глас ќе се слуша – рече Алиу.

Тој нагласи дека создавањето семејство не смее да биде луксуз, туку право и затоа ја тргнале административната бариера, го удвоиле бројот на поддржани обиди за Ин витро од 3 на 6 и ја дигитализирале постапката, а времето за одобрување е скратено на две недели.

– Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и започнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани – рече Алиу.

Тој додаде дека се креираат кризни штабови кои ќе бидат обучени за да одговорат на секакви предизвици.

– Идејата е секој член од тие работни групи да биде во состојба доколку се случи таков процес да знае дека во тој момент треба да биде на работа со таа работна група која ќе се справува со ризици. Креираме протокол за интероперабилност меѓу институциите, да се знае во овој случај на природна непогода кои институции треба да бидат активни. Во тие групи нема да бидат доктори и вработени во Министерството за здравство туку во нив ќе има членови од институциите кои се надлежни за менаџирање со кризни состојби. На пример, ако има земјотрес треба да се знае кој како да дејствува и членовите на работната група брзо да дејствуваат при повреди на граѓани. Тоа значи дека ако треба Клиниката за трауматологија и ортопедија да биде активна ќе се знае дека треба да имаат способни екипи кои ќе делуваат навреме ако има повредени – појасни министерот за здравство.

Поврзани содржини