НАЈМНОГУ ДОЖД НАВРНА ВО ПРИЛЕП Паднале дури 21 литар на квадратен метар

Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената, велат од УХМР.

95

Во текот на изминатото деноноќие најмногу дожд наврна во Прилеп и Пожар – 21 литар на метар квадратен, 15 во Демир Капија, 7 во Берово, 5 во Претор, 4 во Тополчани и Струмица, 3 во Битола, Охрид и Пожаране, 2 во Крива Паланка, Виница и Маврови Анови и еден литар на метар квадратен во Ѓуриште, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

– Дадените вредности за количината врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената, велат од УХМР.






Во текот на изминатата ноќ и изутринава сè уште е значително висок водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар, а очекувано зголемен е водостојот на реката на низводните профили во Велес и Демир Капија.

Во Скопје пикот на реката е забележан 1 час после полноќ (во 01:00 часот на 18.06.2023) и изнесуваше H=195 sm, а изутринава веќе бележи намалување за 20 sm. До крајот на денов се очекува постепено намалување на водостојот на Вардар во горниот дел од нејзиното течение додека во средниот и долниот дел од течението да има зголемување на водостојот.

Исто така, изутринава е забележан и минимално зголемен водостој на реката Лепенец. Сите останати водостои низ земјава се во опаѓање и тој тренд се очекува да продолжи во текот на денешниот ден. Сеуште посочуваме на внимателност во сливот на реката Вардар, каде во средниот и долниот дел од течението ќе има висок водостој во текот на денот. Генерално, се очекува постепено нормализирање на состојбата со водостоите низ земјава, но сè уште предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден – се вели во соопштението на УХМР.

Во текот на ноќта и изутринава времето е облачно со повремени локални врнежи од дожд со слаб интензитет. Утринава понекаде дува слаб променлив ветер кој е повремено умерен во скопската котлина.

Времето денеска претпладне ќе биде претежно облачно со повремен слаб дожд, попладне облачноста ќе се намалува, а во југоисточните делови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 19 до 26 степени.

Во Скопје претпладне облачно со повремен слаб дожд, попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне 23 степени.

 

 

Поврзани содржини