НАЈМЛАДИОТ УЧЕНИК НА СОЛУНСКИТЕ БРАЌА На денешен ден бил роден Свети Наум, основоположник на македонската писменост
Од двете кратки житија, напишани на македонски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На Свети Наум Охридски му се припишуваат делата: „Канонот за апостолот Андреј“ и „Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.
На денешен ден бил роден во 830-тата година бил роден Свети Наум Охридски Чудотворец. Средновековниот македонски научник, писател, учител важи за еден од основоположниците на македонската писменост и просвета и писменоста на источно-европските народи. Неговите мошти се изложени во манастирот „Свети Наум Охридски“ на крајбрежјето на Охридското Езеро, каде и починал на 23 декември 910-тата, а бил погребан лично од Свети Климент во манастирската црква, каде и денес почива.
Свети Наум потекнува од богати и побожни родители. Поради љубовта кон христијанството се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите солунски браќа Кирил и Методиј Македонците. Со нив, тој учествувал во Моравската мисија, го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта.
По завршувањето на Моравската мисија заминал во Првото Бугарско Царство, каде го поминал остатокот од својот живот. Првично Свети Наум живеел во престолнината Велики Преслав, каде се приклучил во работата на Преславската книжевна школа. Подоцна Свети Наум заминал во Охрид, каде му се приклучил на Свети Климент во работата на Охридската книжевна школа.
Свети Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде бил учител од 886-та до 893-та година. Како еден од најдаровитите ученици на светите солунски браќа Кирил и Методиј Македонците, во 893-та година, кога Климент бил назначен од бугарскиот цар Борис I за словенски епископ во Дремвица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Свети Наум Охридски, кој раководел со Охридската книжевна школа во текот на седум години. Во 900-та година се повлекол во манастирот посветен на Свети Архангел Михаил. Во манастирот, Свети Наум собрал големо монашко братство.
Се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на македонски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На Свети Наум Охридски му се припишуваат делата: „Канонот за апостолот Андреј“ и „Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.