НАЈМЛАДИОТ ПОМЕЃУ ПОТКУПЛИВИТЕ ГРАНИЧАРИ ИМА 23 ГОДИНИ Полицајците од Табановце се товарат за злосторничко здружување
Најголема количина пари биле пронајдени при претресот кај Х.К., односно вкупно 15.885 евра и 30 швајцарски франци. Исто така, при претресите беа пронајдени и 23 парчиња муниција од 9 милиметри, подароци и други предмети кои ќе бидат користени во кривичната постапка, информираше МВР.
Кривична пријава заработија 12 граничари од Табановце кои се товарат за злосторничко здружување, примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Најмладиот помеѓу приведените има 23 години, а највозрасниот – 47 години. Дури 11 лица се кумановци, а само еден е кратовчанец.
„Во рамки на криминалистичкото истражување од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поради сознанија дека на Граничниот премин Табановце од страна на група полициски службеници на организиран начин се вршат инкриминирани дејствија со коруптивни елементи и во координација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, во соработка со Одделот за специјални полициски операции – Единица за брзо распоредување на 25.12.2022 беа извршени претреси во службените простории на на Граничен премин Табановце и во домовите на дел од кривично-пријавените. По спроведената истрага за командирот, заменик командирот и за 10 полициски службеници во Полициска станица за граничен премин Табановце, меѓу кои и раководител на смена, беа обезбедени материјални докази за нивна инволвираност во криминални активности, а при спроведените претреси кај лицата беа пронајдени предмети за кои постојат основани сомненија дека потекнуваат од кривични дела преку примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластувања“, наведено е во соопштението.
Членовите на оваа организирана криминална група, посочено е таму, активно дејствувале на Граничниот премин Табановце од септември 2020 година како злосторничко здружување, при што за одредена парична награда, подароци и поволности кои ги добивале од лицата кои ја преминувале државната граница, координирано не преземале службени дејствија кои биле должни да ги преземат, при што се стекнале со голема противправна материјална и имотна корист.
„Секој член на оваа криминална група имал точно определена улога, при што И.Н., А.А. и Н.П., со умисла ги поттикнувале полициските службеници Д.К., В.Ф., Х.К., А.Д., Ф.К и Ф.И. да вршат кривични дела, овозможувајќи им полесно функционирање, заштита од контроли и проверки и други поволности при работењето, а од коруптивните кривични дејствија добивале соодветен процент од заработката во текот на денот. Кај пријавените А.С., Ј.Н. и М.Ј., пак, при извршените претреси е пронајдена одредена сума која не смееле да ја поседуваат додека извршуваат работни задачи во кабината за гранични проверки, при што го сториле кривичното дело примање поткуп. При претресите извршени на 25.12.2022 по Наредба од Судија на претходна постапка, над лица, во нивните домови, останати простории и возила, пронајдени и одземени биле вкупно 16.413 евра во различни апоени, 219.195 денари, 60 швајцарски франци и 375 српски динари. Најголема количина пари биле пронајдени при претресот кај Х.К., односно вкупно 15.885 евра и 30 швајцарски франци. Исто така, при претресите беа пронајдени и 23 парчиња муниција од 9 милиметри, подароци и други предмети кои ќе бидат користени во кривичната постапка. По извршените претреси по Наредба од Јавен обвинител од слобода се лишени И.Н., А.А., Н.П., Д.К., Х.К., В.Ф., А.С., М.Ј. и Ј.Н.“, наведено е во соопштението.
Соопштение пристигна и од Јавното обвинителство во кое се вели дека приведени се 9 полицајци.
По повеќемесечна предистражна постапка, врз основа на сознанија дека на ГП Табановце група полициски службеници на организиран начин извршуваат инкриминирани дејствија со коруптивни елементи, под раководство на предметниот јавен обвинител беше спроведена полициска акција. Во акцијата, се извршени претреси на 27 полициски службеници, како и претреси во службените простории на ГП Табановце и домовите на дел од пријавените и притоа се приведени 9 полициски службеници.
„Во почетокот на 2020 година, осомничените – командир на ПС за гранични проверки, двајца виши полицајци во истата ПС и еден полициски службеник, опфатени во Наредбата за истражна постапка, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, создале група со цел да вршат кривични дела Примање поткуп од чл. 357 и Злоупотреба на службената положба и овластување од чл 353 од КЗ за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна. Првоосомничениот, најпрвин како раководител на смена, а потоа и како командир на ПС ги распоредувал или влијаел да бидат распоредени останатите тројца осомничени на работни места во кабини каде што има поголема фреквенција на патници за влез и излез од државата. Тројцата како полициски службенци кои вршеле пасошка контрола имале задача да бараат и примаат подарок од 5, 10 ,20 или 30 евра за себе и за првоосомничениот за да извршат службено дејствие кое не смееле да го извршат – да пропуштат возила што немале зелен картон за влез и за излез во државата, немале полномошно за управување со возилата, немале патни исправи, возачки дозволи или друг задолжителен документ. Така, од почетокот на 2020 година сѐ до 25.12.2022 година во повеќе наврати примиле поткуп, а од примените парични средства секој месец на првоосомничениот му давале по 150 евра“, соопшти ОЈО.
На 25 декември при спроведените претреси кај осомничените, наведено е во соопштението, се пронајдени предмети, подароци и поголема сума на пари за кои постојат основани сомненија дека потекнуваат од извршените кривични дела за кои се осомничени.
„Па така, кај четвртоосомничениот пронајдени се 15.795 евра во банкноти во апоени од по 5 евра, 10 евра и 20 евра и 30 швајцарски франци, додека кај првоосомничениот се пронајдени 210.000,00 денари во апоени од по 1.000 и 2.000 денари. Воедно, во зградата на ГП Табановце во просторијата – кујна во метален сад сместен во висечки орман пронајдени се 420 евра и 20 франци што осомничените ги сокриле како пари примени тој ден како поткуп. Во текот на вчерашниот ден предметниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за изрекување на мерката притвор за четворицата осомничени, додека за петмина за кои се води скратена постапка предложи мерки за обезбедување на присуство“, соопшти ОЈО.