НАЈМЛАДИОТ ПАЦИЕНТ НА ДИЈАЛИЗА ИМА 4 ГОДИНИ Не се знае на колку лица им треба трансплантација на бубрег, а околу 1.500 одат на дијализа
Има мал број кадаверични трансплантации или има години кога воопшто нема такви. Нашиот апел е ако заживее кадаверичната трансплантација, тогаш и листата на донори ќе биде зголемена, вели Душко Ѓоргиев, претседател на „Нефрон“, на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот.
Се спомнува бројка од 120-150 лица што чекаат трансплантација на бубрег, но реалната листа е многу подолга, изјави денеска Душко Ѓоргиев, претседател на „Нефрон“, на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот.
– Во отсуство на континуирана и зголемена кадаверична трансплантација, таа листа не се збогатува затоа што треба да се прават типизации и испитувања кои чинат. Има мал број кадаверични трансплантации или има години кога воопшто нема такви. Нашиот апел е ако заживее кадаверичната трансплантација, тогаш и листата на донори ќе биде зголемена – појасни тој.
Ѓоргиев очекува од оние 1.500-1.600 лица кои се на дијализа барем една третина да бидат на листата за чекање за трансплантација на бубрег.
– Мораме да пофалиме дека листа за чекање од жив донор од познат дарител веќе не постои. Секој што ќе обезбеди бубрег од сроден дарител, веднаш, за кратко време додека се направат типизациите, се трансплантира – рече Ѓоргиев.
Од Здружението велат дека најмладиот пациент кој е на дијализа има четири, а најстариот 92 години.
Директорката на Клиниката за нефрологија, доцент д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ, нагласи дека водечки причини за развој на хронична бубрежна болест, се дијабетот и хипертензијата.
Даница Стојкова од Прилеп има 54 години и веќе 13 години оди на дијализа.
– Болеста ја открив поодамна, генетска ми е. Мојот покоен татко беше на дијализа 13 години. Многу е битно болеста да се открие во рана фаза. Немам сроден дарител, сум на листата на чекање околу осум години. Се надевам дека еден ден, тоа ми е желба и сон, да бидам трансплантирана од кадавер, за да се подобри мојот живот и животот на моето семејство – рече Даница.
Стојкова откри дека животот на дијализа е тежок, но е можен. Три дена во неделата по 4 до 4,5 часа е на апаратот, но без него не може да живее.
– Откако се тргнува на дијализа, се менува целиот живот на една личност, самата таа и блиските мораат да се адаптираат – додаде таа.