НАЈМАЛКУ ДВЕ НОВИ ГРАДИНКИ ВО КАРПОШ Весковски ветува грижа за најмалите
Во рамките на можностите и потребите, ќе извршиме и реконструкција на постојните капацитети во детските градинки, со цел подобрување на условите за вработените и за дечињата што се згрижени во нив, вели Весковски.
Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од СДСМ, Душко Весковски, планира да изгради по една нова детска градинка во зоната покрај реката Вардар и на просторот околу некогашна „Алуминка“, со што значително би се подобрил капацитетот и квалитетот на грижата за најмладите карпошани. Тоа би значело згрижување на сите дечиња од предучилишна возраст што се на листите на чекање, но и можност за отворање нови работни места.
– Новите детски градинки ќе бидат во согласност со најновите стандарди, енергетски ефикасни, со многу зеленило, и со површини за спроведување рекреативни и спортски активности на дечињата во текот на нивниот престој. Дополнително, во рамките на можностите и потребите, ќе извршиме и реконструкција на постојните капацитети во детските градинки, со цел подобрување на условите за вработените и за дечињата што се згрижени во нив – рече Весковски.
Тој нагласи дека проектите што планира да ги реализира како градоначалник треба да остварат позитивен ефект врз оваа целна група, преку обезбедување и одржување здрава средина за раст, развој, отворање можности за образование во современо опремени училишта и нивна подготовка за продолжување на средното образование според сопствен избор, квалитети и афинитети.
Проектите што се предвидуваат треба да придонесат за зајакнување на капацитетите на постојните основни училишта и детски градинки, за зајакнување и интензивирање на примената на спортот и различните спортски дисциплини во рамките на основните училишта, за поддршка на воннаставните активности и културното издигнување на младите генерации, за инклузија на децата со посебни потреби во сите сегменти, за размена на знаење и искуства преку остварување соработка и партнерства со други училишта од Градот, Републиката, Балканот и Европа, објаснуваат од тимот на Весковски.