НАЈМАЛКУ 33 ДЕМОНСТРАНТИ ВО НЕПАЛ СЕ УБИЕНИ СО БОЕВА МУНИЦИЈА Обдукциите потврдија дека полицијата пукала во својот народ
Обдукциите покажаа дека куршумите биле деформирани и фрагментирани, а демонстрантите биле погодени во глава, гради, стомак и во врат.
Обдукциите спроведени по протестите во Непал потврдуваат дека најмалку 33 демонстранти биле убиени од боева муниција, додека само едно лице било погодено од гумен куршум, соопшти Медицинскиот институт на Универзитетот Трибхуван.
Британските медиуми јавија дека за време на протестите пред 2 недели беа убиени вкупно 74 лица, а повеќе од 2.000 беа повредени.
Протестите, предводени од Генерацијата З, избувнаа поради прикажување на луксузот и одморите на политичарите и на нивните блиски на социјалните медиуми. Немирите ескалираа откако полицијата почна да убива демонстранти. Потоа тие, бесни поради убиствата, ги запалија зградите на парламентот, на владата, приватните вили на министрите и на премиерот, а министрите беа тепани на улица и понижувани.
Немирите доведоа до оставка на премиерот К.П. Шарма и на неговата влада.
Поранешниот премиер Шарма негираше дека наредил употреба на боева муниција, сугерирајќи дека инфилтрирани лица биле вклучени во насилството.
Обдукциите покажаа дека куршумите биле деформирани и фрагментирани, а демонстрантите биле погодени во глава, гради, стомак и во врат.
Експертите истакнуваат дека употребата на огнено оружје против цивили во Непал е исклучително ретка и дека полицијата обично користи само гумени куршуми и солзавец за контрола на толпата.
Привремената влада предводена од поранешната претседателка на Врховниот суд, Сушила Карки, формираше комисија за истрага на насилството и повика на транспарентна истрага за „непотребната или непропорционална употреба на сила од страна на безбедносните сили“.
Изборите во Непал се закажани за 5 март, но мандатот на владата може да биде продолжен поради ситуацијата во земјата.