„НА МАКЕДОНИЈА Ѝ Е ПОТРЕБЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ ОБЕДИНИТЕЛ“ Максо вети национална стратегија за борба против политичката корупција
„Се краде на ангро, никој ништо не плаќа на државата. Песокот како најевтин материјал. Замислете што се случува со рудното богатство. Со рудите, со минералите, со мермениот комбинат и со икс други наши ресурси коишто треба да го полнат државниот буџет. Кај нас сите ја молзат кравата, а никој не сака да ја храни“, изјави претседателскиот кандидат на ЗНАМ.
„Ние ќе водиме позитивна кампања, ќе работиме на обединување на македонскиот народ и македонските граѓани во целост. Нашата цел не е да ги делиме граѓаните по политичка, верска или било која друга основа, нашата цел е да ги обединиме“, порача во средата вечер од Штип, кандидатот за претседател на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој кампањата ја води под мото „Максимум за Македонија“.
– На Македонија ѝ е потребно обединување, на Македонија ѝ е потребен претседател којшто ќе биде обединител и на Македонците и на сите етнички заедници во државата – рече Димитриевски.
Димитриевски порача дека граѓаните на Македонија заслужуваат поубаво утре, затоа што какошто рече нашата земја од ден на ден се празни, младите заминуваат од државата, како што е примерот со Богданци. Место кое порано вработувало 6.000 луѓе, а сега има една канцеларија за брзи кредити, неколку кладилници.
– Денеска младиот човек нема можност, сериозниот кој што работел, се вградувал во оваа држава денеска и едвај преживува и гледа како државата му се распаѓа во континуитет. Денеска почитувани мои штипјанки и штипјани молкот е повеќе од срам и затоа ние од ЗНАМ се одваживме да излеземе пред граѓаните и да им понудиме нешто ново. Ново што излегува од граѓаните и ќе работи за граѓаните – рече Димитриевски.
Тој најави во првите 100 дена од добивање на мандатот ќе предложи Национална стратегија за борба против политичката корупција, бидејќи главната корупција е во политиката. Димитриевски истакна дека ќе предложи и уставни измени, со цел да се спречи било каква амнестија за корумпираните политичари.
Димитриевски имаше и средби со граѓани во Лозово и Свети Николе. Таму говореше и за состојбата во стопанството. Тој рече дека за да се полни буџетот треба да се искористат природните ресурси и потенцијали и да ја трансформирате Македонија во самоодржлива држава. Како пример за тоа што се случува посочи дека Македонија има три фирми за експлоатација на песок, а ниту една нема дозвола за ископ, а во државава се градат станови, објекти, секаде.
– Се краде на ангро, никој ништо не плаќа на државата. Песокот како најевтин материјал. Замислете што се случува со рудното богатство. Со рудите, со минералите, со мермениот комбинат и со икс други наши ресурси коишто треба да го полнат државниот буџет. Кај нас сите ја молзат кравата, а никој не сака да ја рани – рече тој.