На армискиот полигон Криволак денеска беше уништен дел од арсеналот од артилериски гранати од Прва светска војна пронајдени на локација во Битола.
Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување потсети дека гранатите беа пронајдени во централното градско подрачје на Битола и е досега најголемата количина, односно вкупно 12.300 парчиња на артилериски гранати калибар 75 мм без запалки останати од Првата светска војна. Тој соопшти дека јужните и југозападните делови на државата каде што поминувала линијата на тогашниот Солунски фронт, се уште кријат опасен вид воени материи со ваква содржина, која постојано се наоѓа од страна на пиротехничарите.
– Во оваа прилика сакам да нагласам дека нивната работа е ценета и вреднувана. Владата донесе одлука за еднократна парична награда во висина од 30 илјади денари да бидат наградени седумте пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување како резултат на нивниот посебен ангажман за пронаоѓање и уништување на гранатите кои беа пронајдени од 27 октомври па наваму – нагласи Максути.
Должност на ДЗС, според Законот за заштита од спасување од неексплодирани убојни средства и други ексклузивни направи е пребарување, детектирање, уништување на лице место, доколку тоа условите го дозволуваат и транспорт на нусот на определена локација, а потоа уништување, кое додаде, го спроведовме денеска.
– Ова е одлична прилика уште еднаш да ја промовираме нашата меѓусебна успешна и многу пати докажана соработка која и понатаму ќе продолжи да се развива во нагорна линија помеѓу претставниците на МО и на МВР. Уништувањето на оваа количина гранати ќе се одвива последователно почнувајќи од 15-ти овој месец па се до крајот на февруари – информираше директорот.
Раководителот, Ефтим Митров рече дека денеска е вториот термин на уништување на експлозивните средства.
– Истите ги уништуваме во четири фугаси во коишто ставивме по 400 артилериски гранати, значи во секој термин ќе уништуваме по 1.600 парчиња, бидејќи толку и можеме да транспортираме дневно и да обработиме. Имаме еден тим од Армијата, еден тим од МВР и два тима од ДЗС. Во секоја фугаса имаме чист експлозив два тона и користиме плус уште еден тон експлозив, така што со три тона ги уништуваме овие средства – појасни тој.
Според предвидената динамика следната недела ќе има уште два термина и од 15 јануари се продолжува зависно од временските услови, очекувањата се процесот на уништување на гранатите целосно да заврши до крајот на февруари, соопшти Митров.