НАЈКРИТИЧНО НА КОЖУФ И ВО ОКОЛИНАТА НА СКОПЈЕ Четири пожари активни, другите се под контрола

Активни огнени жаришта во Гевгелија, Македонски Брод, Чучер Сандево и Бутел, додека дел од пожарите низ земјата се ставени под контрола или се изгаснати.

340

Заклучно со 12 часот денеска, Македонија се соочува со вкупно десет пожари на отворен простор. Дел од нив се веќе изгаснати, други се ставени под контрола, но четири жаришта и понатаму активно јарат низ земјава.

Најтешка е состојбата во јужниот дел, каде што на планината Кожуф, во близина на селото Петрово во општина Гевгелија, огнот проголта букова шума. Силни тимови се на терен, но поради непристапниот предел, гаснењето оди отежнато.






Проблеми има и во општина Македонски Брод, на планината Добравода, каде што пламенот зафати ниска вегетација и се шири со голема брзина. Во близина на Скопје, во општина Чучер Сандево, кај селото Брест, пожар го зафати шумскиот предел во Малино маало, а опасноста од негово ширење кон населбите ги држи жителите во постојана вознемиреност. Пожар избувна и во општина Бутел, покрај булеварот „Словенечка“, во близина на аквадуктот, каде што гори нискостеблеста вегетација.

Покрај овие активни жаришта, повеќе пожари се ставени под контрола. Во општина Гази Баба, кај селото Трубарево, беше зафатен електричен отпад, а друг пожар се прошири во близина на селото Виниче, на местото Муратица, каде што гореше нискостеблеста шума. Во општина Студеничани, во атарот на селото Батинци, огнот зафати ниска вегетација и мешана шума, но и таму состојбата е стабилизирана.

Три пожари се целосно изгаснати. На депонијата во струмичкото село Банско, пламенот е совладан, како и во кочанското село Бели, каде што огнот зафати депонија. Слична интервенција имаше и во Тетово, каде што беше изгаснат пожар на ѓубриште.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека сите служби се на терен и состојбата внимателно се следи, со цел да се спречи ново ширење на пожарите и загрозување на населението.

Поврзани содржини