НАЈСИЛНИОТ УДАР ВРЗ ПУТИН ДОСЕГА Ембаргото за нафта забранува купување на енергенсот и негово постепено укинување
Предлогот доаѓа по неколкунеделни преговори во ЕУ, во услови додека земјите-членки на ЕУ се обидуваа да изнајдат солуција за надминување на економските последици од таквиот потег.
Европската комисија предложи нови санкции за извозот на руска нафта поради инвазијата врз Украина, потврдија за ДПА претставници од извршната власт на ЕУ. Шестиот пакет санкции им забранува на компаниите од Европската унија да купуваат нафта од Русија и има за цел постепено до целосно укинување на увозот руска нафта во Унијата.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го претстави планот на Унијата да го запре увозот на руска нафта до крајот на годината. Целта е да се „максимизира притисокот врз Русија“, рече Фон дер Лајен на дебата во Европскиот парламент.
– Ова треба да се управува во фазен пристап за да се зачува економската стабилност на блокот – рече таа.
Највисокиот функционер на ЕУ најави и исфрлање на „Сбербанк“, најголемата руска банка, од меѓународниот финансиски комуникациски систем СВИФТ.
Покрај тоа, руските воени претставници вклучени во злосторствата во украинските Буча и Мариупол, исто така, ќе бидат цел на санкции.
Предлогот доаѓа по неколкунеделни преговори во ЕУ, во услови додека земјите-членки на ЕУ се обидуваа да изнајдат солуција за надминување на економските последици од таквиот потег.
Најмногу отпор кон ембаргото на руската нафта доаѓа од Германија што наиде на многу критики од Украина, за на крајот Берлин да ја подржи забраната откако успеа да набави залихи на нафта од алтернативни извори.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек минатата недела соопшти дека Берлин го намалил увозот на руска нафта, и тоа од 35 на 12 отсто за само осум седмици. Според истражувањата спроведени од Центарот за истражување на енергија и чист воздух, од почетокот на војната во Украина ЕУ увезла руски фосилни горива во вредност од 44 милијарди евра.
Истовремено, како дел од новите санкции, Европската унија ќе таргетира уште три руски државни радиодифузери.
– Ги идентификувавме овие ТВ канали како гласноговорници, кои агресивно ги засилуваат лагите и пропагандата на Путин – рече Фон дер Лајен пред Европскиот парламент.
– На компаниите за односи со јавноста во ЕУ исто така ќе им биде забрането да прават бизнис во Русија – додаде таа.