На кого тоа му нема спас, претседателе Пендаровски?

За македонскиот идентитет не е неважно дали нашите деца ќе учат една софиска верзија на историската приказна за христијанизирањето и за описменувањето на Словените во раниот среден век, или сепак наративите ќе се усогласат со научните сознанија на водечките историчари и слависти. Напротив!

6,749

Има луѓе кои отворено и слободно, како што и доликува на една демократска земја (сè уште не сме таква, ама можеби ќе станеме), ги бранат позициите на македонската власт во преговорите со Бугарија. Во принцип, би било добро кога во Скопје би постоело барем приближно ниво на политички компромис и единство што ќе ги крепат тие позиции, какво што има во Софија, на пример. Но ете, за жал, дури и за овие важни нешта, Македонците се драматично поделени.

Јас сум еден од оние коишто мислат дека не се изгубени шансите со конструктивна и упорна критика да влијаеме врз креаторите на преговарачкиот процес, за да престанат лекомислено да ги купуваат бугарските тези што потекнуваат од времето на живковизмот како европски и модерни. Тоа е една голема заблуда, која на крајот сите ќе нè одведе во ќорсокак.






Но, за да има критиката смисла, многу е важно да не се дисквалификуваат тие што мислат поинаку. Затоа никогаш не сум помислил, напишал или рекол дека на креаторите на тие политики и на нивните медиумски апологети им нема спас. Да се каже такво нешто би значело дека дебатата всушност е во терминална фаза, што пак би водело кон два можни заклучока – или е заведена општа цензура и е прогласен лов на вештерки, или лидерите на оваа земја спроведуваат агенда и директиви без оглед на јавното мислење, та дури и без премисла за нивната иднина во политиката воопшто.

Луѓето коишто ги бранат политиките што ги критикувам, едноставно, одбивам да ги перцепирам на таков начин.

За волја на вистината, еден дел од нив, како првото перо на сдсмовската пропаганда Тричковски, на пример, веќе подолго време отворено настапуваат од антимакедонски позиции, со централната теза дека приклонувањето кон бугарството е оној модерен пристап што ќе ја спасел и ќе ја направел оваа земја европска во секој поглед – со нов идентитет, со нови идоли и секако, со многу (нови) европски пари кои само што не стасале.

Повеќе пати сум ги разобличил тие тези Тричковски, не за да влегувам во полемика со еден валкан тип кој знае да удира само под појас, туку за да укажам дека станува збор за една опасна пропагандистичка платформа, која еден ден би можела да добие поддршка и од луѓе во власта. Нешто што, за жал, веќе се случува…

Меѓу апологетите има и луѓе на коишто може да им се припише блажено незнаење. Како оној сдсмовски советник од Тетово, којшто раскажува гачки дека не било важно што се случувало пред шесто години и дека историјата била релативна работа, бидејќи ја пишувале победниците. Тоа релативизирање е класичниот спин со кој власта се обидува да ги санира последиците од постојаните попуштања во преговорите со Софија за историските прашања. Имено, од нас се бара бланко доверба во македонските претставници во мешовитата комисија, но и поддршка за упорното, папагалско повторување дека идентитетот не е засегнат и дека јазикот ни е чист.

На неочекувано груб и кавгаџиски начин, имено во стилот на спомнатиот Тричковски, пред два дена оваа теза се обиде да ни ја продаде и претседателот Стево Пендаровски. Еве што рече тој. Цитирам од збор до збор:

„Станува збор за препораки кои се договорени пред три години, зад кои стои целиот состав на нашиот дел од комисијата. И ако после вчерашното образложување на сите тие препораки од македонската страна на комисијата на некого не му е јасно дека станува збор за препораки кои со ништо не задираат во македонскиот јазик и идентитет, тогаш за тие луѓе, кои и после ова не разбираат, нема спас.

На Фејсбук веќе напишав дека и јас сум убеден дека во овие препораки, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што се отстапува од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката. Со тоа се квалификував за списокот на оние за кои Пендаровски вели дека им нема спас.

Патем речено, да спомнам дека таа негова изјава, од најголемиот македономрзец меѓу Македонците беше дочекана со воодушевување и со овации. Чисто да си знае Пендаровски во какво друштво е виден и прочитан

Што се однесува до мене, јас не прифаќам такво непристојно ниско ниво на комуникација ни со шефот на државата, ни со актуелниот премиер Димитар Ковачевски, а ни со министерот Бујар Османи. Затоа сум непријатно изненаден и разочаран од Пендаровски.

Дотолку повеќе што пред неколку месеци, тројца од нас на кои ни нема спас, бевме кај него и побаравме тој да организира една дебата на која интелектуалци од лево и од десно ќе разговараат за спорот со Бугарија, во обид да изнедрат една заедничка платформа. Со мене беше Владимир Милчин, а третиот кому му нема спас нема да го кажам и ќе оставам самиот да се пријави и да ја потврди таа неформална средба кај Пендаровски.

Нејсе, зошто го кажувам сево ова?

Ова сепак не е панаѓур на суети. Големи се влоговите. Две држави водат многу сериозни преговори за важни историски прашања, а поради прифаќањето на Преговарачката рамка од наша страна, тие преговори сега се суштествен дел од процесот на пристапување на Македонија кон Европската Унија. Никој од оваа власт не може да очекува овие преговори да ги следиме со врзани очи и со ентузијазмот на погребникот Тричковски, односно со неговиот егзибиционистички дискурс според кој само смртта Македонија ја спасува од неа самата.

Од шефот на државата, кому не му е туѓа науката, очекувам да знае – или ако не знае, да научи – дека за македонскиот идентитет не е неважно дали нашите деца ќе учат една софиска верзија на историската приказна за христијанизирањето и за описменувањето на Словените во раниот среден век, или сепак наративите ќе се усогласат со научните сознанија и со хипотезите на водечките историчари и слависти не само во Македонија, туку и пошироко.

Од Пендаровски очекувам да има минимум респект кон стотина членови на македонската заедница, кои јавно укажаа на многу неодржливи тези во препораките на мешовитата комисија. Не е дозволено сите тие луѓе да се прогласат за националисти и да се каже дека за нив нема спас.

Тоа не е никаков аргумент!

Тие предупредувања не можат едноставно да се отфрлат со пропагандните флоскули дека потпишаното не задира во идентитетот и во македонскиот јазик. Еве, само со еден пример ќе му докажам на Пендаровски зошто таквото тврдење е дрско потценување на науката.

Сфаќа ли шефот на државата зошто им е толку важно на софиските историчари и политичари во наративите за Климент да се обединат Преславската и Охридската школа? Знае ли Пендаровски кои се тие разлики и зошто се толку важни за објаснувањето на посебноста на бугарскиот и на македонскиот јазик?

Јас за овие работи имам учено на факултет. Пред четириесет години. Од добри и драги професори. И бидејќи сум бубалица, имам учено темелно. Пендаровски не мора толку студиозно да му пристапува на прашањето. Доволно е да повика неколку слависти, па и од оние на кои им има спас, кои подробно ќе му објаснат зошто е важно да не се измислува некоја нова, фејк приказна за двете школи. И дека ако се прифати тој фејк, утре тешко ќе докажуваме дека имаме чист јазик.

Има и странски слависти кои можат тоа да му го објаснат на претседателот. Патем, кога веќе спомнувам странци, не е лошо Пендаровски да се подраспраша малку и да размисли како ќе биде протолкувано од една друга членка на ЕУ бришењето на Византија од наративите за големата просветителска мисија на Кирил, Методиј, Климент и Наум, како и упорното инсистирање нашите деца повеќе да учеле за (бугарска) Тракија. Не е тоа баш случајно…

Сакам на крајот да му порачам на претседателот Пендаровски многу посериозно, без вакви изливи на нетрпеливост, да седне и добро да се информира за овие важни историски теми и да се посоветува со сериозни научници. Разноразните тричковци, ојлевци и дојлевци се добри за уметнички дојам, ама гледам дека просторот за такво чаталење по чаршија опасно се стеснил…

Јас сè уште пишувам и говорам со убедувањето дека на сите ни има спас и дека вреди овој труд што го вложувам за критичко опсервирање на преговорите меѓу Скопје и Софија. Ако Пендаровски се убедил дека на поголемиот дел од македонскиот народ којшто е загрижен од ваквите преговори и договори навистина му нема спас, тогаш дошло времето да се запраша кого воопшто претставува и зошто.

Поврзани содржини