НА КЛИНИЧКИ И НАТАМУ НЕШТО УЖАСНО СМРДИ! Цевките се продувани, ама додека не стасаат резултатите од Германија хируршките сали се на колена
Во Македонија нема лиценцирана лабораторија со дозвола да го оцени квалитетот на воздухот и денеска се испратени мостри во Германија. Од двете компании не е виден недостиг во квалитетот, освен што има влага и е препорачано да се менуваат филтрите.
Министерството за здравство набави 6 надворешни компресори како привремено решение за хируршките сали на Клиничкиот центар, но миризбата останува мистерија. Техничкиот министер за здравство Илир Демири денеска пред новинарите ги изнесе деталите за проблемот.
– Повторно оваа недела без да има некаква хаварија се појавува некаква лоша миризба, поради што веднаш реагиравме и викнавме две независни фирми. Во Македонија нема лиценцирана лабораторија со дозвола да го оцени квалитетот на воздухот и денеска се испратени мостри во Германија. Од двете компании не е виден недостиг во квалитетот, освен што има влага и е препорачано да се менуваат филтрите. Има некаква одбојност, не знам како да речам. Ако немаме валиден документ да ги користиме салите, се одлучивме да се оперираат само итни случаи, а другите од неврохируршки да одат во Градската општа болница. Останатите кои се за интервенција во болницата „8 Септември“ – рече техничкиот министер објаснувајќи дека хирурзите ќе мора да одат во другите болници по потреба.
Демири вели дека не може да прецизира кога ќе стаса мислењето од Германија. Но, тој откри дека салите се стари и дека се прават напори за сервисирање со издувување на цевките и дека во еден компресор влегло масло.
– Негде пред 30 години се градени тие сали и инсталацијата за снабдување со кислород. Имаше хаварија во компресорската станица, се расипа еден компресор, влезе масло во компресорот, сега функционираме со два, ги издувавме комплетно цевките, поминавме технички преглед. За сметка на квалитетното испорачување воздух ја прекинавме хипербарната комора која е дел од одделот за Пластична хирургија. Побарав да се сервисираат и тие компресори – објаси тој.
Тој вети дека ако продолжи да биде министер за здравство ќе биде транспарентен, а во спротивно рече дека извештајот ќе го даде во Обвинителството. Според него, само Обвинителството може да го реши проблемот бидејќи во различните клиники се дисперзирани 64 директори кои носат колективна вина, но нема еден одговорен.
– Од директори на хирургија немам доставени оставки. Со разијдувањето на Клиничкиот центар е настаната една збрка. Сопственоста на салите е на Службата за општи и заеднички работи која е државна институција под ингеренции на Владата. Поради немање континуитет побаравме алтернативни решенија и спроведовме поправка на компресорите. Менаџерите на клиниките носат одлуки за сервисирање на апаратите. Бидејќи Македонија го има само Клиничкиот центар за сервисирање, морав да се обратам до Обвинителството. Необјасниво е од каде доаѓа миризбата бидејќи квалитетот на влезниот кислород не е компромитиран. Додека не дојде анализата од Германија не можам да кажам. Загрижен сум, иако пациентите кои ќе дојдат ќе ги прифатиме со надворешните компресорски единици – додаде тој.
Демири вели дека им должи на новинарите и уште една тема за истражување, а тоа е можната злоупотреба при набавката на вентрикуларните машини кои се користат при кардиоваскуларни интервенции.
– Сакам вие како новинари да истражите што се случува со вентрикуларните направи. Нив ги плаќа ФЗОМ. Колку средства се трошат за такви интервенции? Тоа се прашања кон вас кои треба да ги истражите. Колку е потрошено, а колкава е злоупотребата? – им кажа Демири на новинарите.