На Кинезите им пукна филмот од карантинот, ги преполнија туристичките места, власта загрижена

977

Популарните туристички локации и поголемите градови во Кина за викендот биле преполни со луѓе и покрај предупредувањата на здравствените работници поради пандемијата на коронавирусот, која не е завршена.

На фотографиите направени на 4 април во планинскиот парк Хуангшан во провинцијата Анхуи, се гледаат илјадници луѓе, од кои многумина носеле маски, но сите биле блиску еден до друг. Сите сакале да го поминат времето на отворено по долгиот период од забрана за патување и мерките за карантин.






Според агенциите, имало голем метеж, а во еден момент објавено е дека паркот го достигнал својот дневен капацитет кој изнесува 20.000 посетители и дека повеќе нема да прима.

И шеталиштето Бунд во Шангај било преполно од туристи. Многу ресторани кои биле затворени, сега повторно работат.

Слично е и во Пекинг, каде луѓето престојувале на отворен простор и во парковите.

Враќањето во нормалното секојдневие следува по повеќе од три месеци од откривањето на коронавитусот во кинескиот град Вухан.

И додека кинеската влада полека ги намалува рестрикциите, експертите за здравство ги повикуваат граѓаните да останат внимателни.

– Пандемијата не е ни близу до крајот, туку влегла во нова фаза. Во остатокот од светот таа беснее – наведуваат тие.

Властите во Хонг Конг се загрижени поради новите случувања во Кина и стравуваат од трет бран на зараза. Хонг Конг се уште се бори против вториот бран на увезени случаи откако граѓаните се вратиле од Европа и Велика британија и го донеле вториот бран на зараза кон крајот на март. Во помалку од две недели, бројот на локални инфекции пораснал од 317 на 900.

Поврзани содржини