НАЈИТНО ДА СЕ АКТИВИРА АВТОМАТСКИОТ СИСТЕМ! Шанса за Центар бара правично казнување во сообраќајот
Го бараме активирањето на автоматскиот систем за следење и казнување, со кој граѓаните ќе се чувствуваат правично дури и кога ќе бидат казнети, бидејќи ќе знаат дека системот не распознава моќ, врски и познанства, се истакнува во реакцијата на Шанса за Центар.
Движењето Шанса за Центар бара најитно да се активира автоматскиот систем за следење и казнување во сообраќајот во Скопје откако синоќа на пешачки премин кај „Сити мол“ загина 24-годишна девојка.
„Бараме неодложно да се преземе одговорност и да се покаже политичка волја за што побрзо воспоставување на сообраќајна безбедност на патиштата низ државата, а особено на градските улици во Скопје. Очекуваме одговорност, зрелост и конструктивност, поради безбедноста на сите граѓани. Бараме најитно да се активира автоматскиот систем за следење и казнување во сообраќајот во Скопје. Истовремено, бараме решенијата за зголемување на безбедноста во сообраќајот да ги третираат најранливите и нивните потреби, а проектите за нови сообраќајници да ја имаат безбедноста како носечка компонента вклучувајќи инфраструктурни бариери и успорувачи на брзини“, се наведува во барањето на Шанса за Центар, кое е испратено до премиерот Димитар Ковачевски, до Собранието на Македонија, како и до градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
„Активирањето на автоматскиот систем со камери ќе ја олесни работата на полицијата, ќе ја зголеми сообраќајната дисциплина и култура, а со тоа ќе се зголеми и безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Со ова ќе се растовари и судскиот систем од администрирање на сообраќајни прекршоци кои во голем дел остануваат без епилог или казни кои не се спроведени. Во духот на борбата против корупција и транспарентното управување кое очекуваме да биде врвен приоритет во државата, го бараме активирањето на автоматскиот систем за следење и казнување, со кој граѓаните ќе се чувствуваат правично дури и кога ќе бидат казнети, бидејќи ќе знаат дека системот не распознава моќ, врски и познанства“, се истакнува во нивната реакција.
Од Шанса за Центар очекуваат соработка меѓу надлежните служби независно во чија надлежност се и нагласуваат дека нема да имаат разбирање за префрлање на надлежностите и одговорностите. Фактот што има жртви во сообраќајот е последица токму на неодговорното префрлање на надлежностите, додаваат од Шанса за Центар.