НА ИТНАТА Ѝ ТРЕБА БРЗА ПОМОШ Работи со загуба, а нема ни кадар доволно

Доколку државата обезбеди средства со кои ќе ги покрива трошоците за ИМП на приватните оператори тоа е веќе реално партнерство на јавниот Фонд за здравство со приватните оператори во процесот на давање и купување услуги, вели доктор Мехмедовиќ.

551

Контрадикторни се некои од изјавите кои ги даваат министерот Венко Филипче и Министерството за здравство во изминатите неколку дена околу измените во Законот за здравствена заштита, а кои се однесуваат на можноста вршење дејности од мрежата од приватни оператори, дејности кои до сега согласно закон можат да ги вршат само јавни здравствени установи, вели во разговор за Плусинфо д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом – Скопје, кого го прашавме за измените во Законот за здравствена заштита, дали ќе има приватизација на Итната медицинска помош и дали измените во Законот ќе придонесат за подобрување на нејзината работа.

– Филипче вели дека отпаднал проектот за јавно приватно партнерство на Итната медицинска помош за кој има и физибилити студија. Спротивно на ова, Министерството за здравство имаше соопштение во кое се вели дека „законската измена не ги изложува граѓаните на дополнителни финансиски трошоци, туку напротив амбулантните возила на итната медицинска помош на приватните здравствени установи ќе им бидат ставени на располагање на граѓаните“. Доколку државата обезбеди средства со кои ќе ги покрива трошоците за ИМП на приватните оператори тоа е веќе реално партнерство на јавниот Фонд за здравство со приватните оператори во процесот на давање и купување услуги – вели доктор Мехмедовиќ.






Според него, досега цената на тие услуги наменети за јавната итна медицинска помош не ги покривала во целост ни трошоците за плати на персоналот кои изнесуваат околу 180.000 денари по тим, а дополнителни средства здравствените домови мораат да обезбедат за гориво, одржување на возилата, поправки, тековни технички, административни и медицински трошоци. Тоа е служба која работи со загуба и без корекција на цената на услугите по тим, па Мехмедовиќ не гледа причина за интерес кај приватните субјекти да даваат услуги по така дефинирана цена.

– Филипче вели дека сега не е време за јавно приватно партнерство и јас се сложувам деке сега не време сега за приватен партнер во овој сегмент од здравствениот систем, но би додал дека ни во блиска иднина не треба ни да се помисли на таков чекор. Граѓаните преживеаја тешки две години од оваа пандемија во која издвоија значителна сума пари за лекување од сопствениот џеб, многумина заложија куќи и станови за кредити, си ја потрошија својата заштеда на лекови, болничка дијагностика и третман. Токму од овие причини сметам дека државата не смее да дозволи приватно да се наплаќаат и услугите за Итната медицинска и стоматолошка помош, како и за домашно лекување преку носењето на овие измени во законот за здравствена заштита – истакнува д-р Мехмедовиќ.

Како што вели тој за Плусинфо, во моментов е потребно да се инвестира во кадар со кој ќе се доекипираат службите за ИМП и истиот тој кадар да се стимулира да остане во службата преку создавање квалитетни услови за работа, но и преку финансиска стимулација.

Веста за измените за Законот за здравствена заштита предизвика бурни реакции кај македонската јавност, а измените во моментов се стопирани од опозицијата со околу 2.000 амандмани. Претставниците на владата и на владејачкото мнозинство демантираа дека ќе дојде до приватизација на брзата помош, туку дека со поставување правна рамка ќе се регулираат услугите кои веќе се нудат од приватните болници. Оттаму додаваат дека законската измена не ги изложува граѓаните на дополнителни финансиски трошоци, туку напротив амбулантните возила на итната медицинска помош на приватните здравствени установи ќе им бидат ставени на располагање на граѓаните, односно Итната помош на приватните болници, граѓаните ќе може да ја користат бесплатно.

Министерот за здравство Филипче во текот на минатата недела тврдеше дека нема да има приватизација на брзата помош.

– Вие и сега имате служби за итна медицинска помош од приватни институции. Тоа се „Неуромедика“, „Аџибадем Систина“, „Жан Митрев“, „Никоб“ коишто вршат транспорт. Ние мораме да го регулираме тоа, но овде не станува збор за никаква приватизација. Граѓаните нема да имаат никаков трошок што досега го немале. Ние сега го ставаме во закон, она што со години наназад се случува на терен – рече министерот.

Тој по состанокот на Комисијата за здравство во Собранието имал консултација со пратеничките групи на ДУИ, Левица и ВМРО-ДПМНЕ при што им ги објаснил промените. За во петок е договорено меѓу сите страни во Собрание да биде организирана јавна дебата за сите измени на Законот за здравствена заштита.

Според предложените измени, се создаваат можности во рамки на мрежата на здравствени установи, итната медицинска и стоматолошка помош и домашното лекување, како и земањето и пресадување делови од човековото тело заради лекување, да ја вршат и приватни здравствени установи, покрај јавните здравствени установи, со цел да се воспостави поефективен систем на итна медицинска помош.

Поврзани содржини