На Клиниката за хематолoгија во Скопје синоќа е направена трансплантација на матични клетки добиени од несроден донор од Германија кај пациентка која боледува од апластична анемија.
И покрај исклучително сложените услови поради мерките за справување со пандемијата од ковид-19, вчера со поддршка од Министерството за здравство, до ЈЗУ Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје бил обезбеден високо стандардизиран транспорт на пратка матични клетки добиени од коскена срцевина од несроден донор од Германија. Матичните клетки патувале од Келн, преку Брисел и Атина, до Скопје.
– Овој материјал беше неопходен за спроведување на несродна трансплантација, што е единствена терапевтска опција за наша пациентка дијагностицирана со апластична анемија. Огромна среќа, за секој пациент што очекува можност за да остане во живот, е кога во Светскиот регистер за коскена срцевина воопшто ќе се појави компатибилен донор. Но, чин на немерлива хуманост е кога тој донор во време на корона доброволно ќе влезе во операциона сала и ќе донира коскена срцевина за да спаси живот на непознат примател некаде во светот – велат од Клиниката.
Апластичната анемија и малигните хематолошки болести се посмртоносни од ковид-19 и нивниот третман не смее да биде одложен и во вонредни услови на пандемија.
– На Клиниката за хематологија Скопје постапката за трансплантација беше реализирана веднаш по пристигнувањето на мaтеријалот во вчерашните вечерни часови. Овој пример е потсетување за сите нас дека и во време на корона не треба да заборавиме на хуманоста, на можноста да се биде донор и да се подари живот. Можеби некој, некаде, чека токму на вашите клетки за да продолжи да живее – порачуваат од Клиниката за хематологија во Скопје.