НА ГРАЃАНИТЕ ИМ Е ПРЕКУ ГЛАВА ОД РЕВАНШИЗАМ Интервју со новиот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски
Секако дека ги помнам сите ветувања дадени во предизборниот период и предадено се подготвувам за нивната реализација. Иако формално сè уште не сум градоначалник, сепак, втора шанса за прв впечаток нема.
Тимчо Муцунски, новиот градоначалник на Општина Аеродром, во текот на кампањата остави позитивен впечаток со начинот на кој ги презентираше предизборните ветувања, што на крајот му донесе убедлива победа уште во првиот круг од локалните избори.
Во минатото тој беше заменик министер, а во меѓувреме стана универзитетски професор, но мотивот за да стане градоначалник го добил од сознанието дека на граѓаните најмногу може да им се помогне од таа функција, бидејќи локалните проблеми кои ги мачат жителите не можат да се решат од централната власт.
Муцунски вели дека големата поддршка на гласачите му дава сила и мотив за да се посвети кон работата, но и го обврзува да се однесува скромно, совесно и посветено да се движи кон зададената цел.
Победивте со голема разлика во првиот круг на изборите во Општина Аеродром. Дали сега ги помните сите ветувања дадени во кампањата?
Предизвикот е голем, а се случува во еден момент кога доаѓаш до сознанието дека најголемите промени во општеството се случуваат токму на локално ниво, каде граѓаните чувствуваат потреба од реализација на одредени проекти. Низ призма на политичкото дејствување може да се почувствува дека тоа што најмногу ги засега граѓаните е нивното секојдневие. Преку ваквата политичка активност може да се докаже дека политиката може да биде и поинаква од тоа што сме навикнати вообичаено да го гледаме како нејзин производ. Мотивот за моето ангажирање во локалната самоуправа е повеќеслоен, но преовладува желбата за докажување дека со чесен, трудољубив и посветен пристап кон работата може да се дојде до успех и граѓаните да видат опиплив ефект од едно поинакво политичко делување. Победата со голема разлика во првиот круг ме прави горд, но истовремено носи и огромна одговорност и обврска за да не ги разочарам граѓаните кои гласале за мене. Секако дека ги помнам сите ветувања дадени во предизборниот период и предадено се подготвувам за нивната реализација. Иако формално сè уште не сум градоначалник, сепак, втора шанса за прв впечаток нема. Во моментов заедно со моите соработници сме ангажирани и во поддршката кон кампањата на Данела Арсовска, на која ѝ посакувам победа во градоначалничката трка за Скопје.
По изборите се напивте кафе со противкандидатите од кампањата. Дали тоа беше ваша идеја?
Да, идејата беше моја. Чувствувам недостаток на дијалог и потреба од обединување, бидејќи долги години луѓето во нашата држава се поделени по разни прашања и основи. Време е како нова генерација на политичари да покажеме дека разликите во нашето делување треба да се однесуваат на различните политики за кои се залагаме, за решенија, за различни погледи кон нештата кои произлегуваат од идеолошки или искуствени разлики. Но, разликите не треба да нè делат, туку напротив да нè обединуваат. Јас сум подготвен да прифатам сугестии и идеи презентирани од моите противкандидати во текот на кампањата, бидејќи сметам дека тоа ќе биде добро за моите сограѓани.
Дали тоа значи дека се откажувате од било каква форма на реваншизам?
Тука би се осврнал на два аспекти. Прво, на граѓаните им е преку глава од реваншизам, а во поседните четири години реваншизмот е во полн ек и тоа е една од причините за поразот на СДСМ на изборите. Тоа создава негативен впечаток кај граѓаните кои се сведоци за контрола врз институциите, врз правосудните органи. Токму реваншизмот на политичките противници, кои ветуваа дека тоа нема да биде нивна пракса е и една од причините за нивниот слаб резултат. Но тоа не значи дека треба да ја занемариме одговорноста, а јас воедно сум и професор по право и секогаш ќе инститирам на почитување на принципите на легалитет и правичност. Веќе говорев дека постојат сериозни сомнежи за работењето на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје и тоа ќе мора да биде предмет на ревизија, а потоа доколку има соодветни докази ќе биде процесуирано до надлежните институции. Реваншизам не смее да има, но секаде каде што ќе се утврди незаконско работење надлежните ќе ги повикам на одговорност.
Ветувавте „зелена општина“, како ќе го реализирате тоа?
Тоа е веројатно еден од најголемите предизвици, но предизвик кој со сериозна работа брзо може да биде решлив. Потребно е да се направи сериозна ревизија за урбанизација на општината. Согласно информации кои ги видов во медиуми, претходниот градоначалник издал 22 градежни дозволи во последните денови од својот мандат. Ќе треба да се утврди дали е тоа вистина, а потоа и да се оцени дали дозволите се издадени законски. Но и доколку сè е во ред со дозволите, постои начин како урбанизацијата која е веќе озаконета, да се реализира на еден похуман начин. Ќе мора да се применуваат и правилата за задолжителен процент на зелена површина, кој досега инвеститорите не го почитуваа. Не може поставувањето на жардињери на терасите да се смета како некакво зазеленување. Веднаш ќе мора да пристапиме и кон изградба на два парка во општината. Едниот ќе биде изграден кај Реонски центар, односно на локацијата каде претходната власт планираше да ја смести новата зграда на општината. Вториот парк ќе се најде на потегот меѓу зградата на ФФМ и Паркот на авионите, со што ќе се добие голема зелена површина на повеќе од 100.000 квадратни метри. Тоа ќе биде вториот парк по големина во Скопје, веднаш по Градски парк.
„Илинденскиот марш“ ветивте дека ќе го ставите под покровителство на општината. Но, имате ли некаква идеја за развојот на културата во Аеродром?
Развојот на културата е еден од главните постулати на мојата кампања. Мојот пријател, актерот Дејан Лилиќ, во една прилика ми кажа дека културата во Македонија е централизирана во Скопје, а културата на Скопје е централизира во Центар. Сметам дека тоа не е добро и треба да се промени. Планираме изградба на мултимедијален центар, каде ќе има кино, театар, читална, сала за организирање изложби, но и хаб за млади претприемачи. Ќе пронајдеме начин да организираме културни настани низ целата општина.
Колку се разликува ВМРО-ДПМНЕ од времето кога партиски лидер беше Никола Груевски и сега кога претседател е Христијан Мицкоски?
Секоја партија треба да има природен внатрешен развој, за секоја генерација што доаѓа да биде поинаква и поуспешна од претходната. ВМРО-ДПМНЕ е партија која ветува проекти, но и која истовремено ги реализира проектите, што е позитивното обележје на партијата од минатото и кое граѓаните го ценат и препознаваат. Секако треба да бидеме свесни и за грешките од минатото, но за тоа дека граѓаните демократски ја казнувале партијата. Тоа што е поразлично од времето во кое Груевски беше лидер е што веќе се профилираше една цела нова генерација во рамките на партиското раководство. Речиси сите градоначалници што победивме или се надеваме на победа на локалните избори сме од иста генерација од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Сите сме свесни и за позитивните искуства од минатото, но и за направените грешки. Позитивните искуства мора да продолжат и да се надградат, а грешките секако да бидат една научена лекција која не смее да се повтори.