На граѓаните им е преку глава од изолација, сакаат одмор по своја мерка
Туристичките агенции се надеваат дека ова лето ќе имаат повеќе работа, бидејќи државите се отвораат и патувањето станува возможно.
Турција, Грција, Црна Гора, Албанија, но и поегзотични дестинации за патување им се отвораат на македонските граѓани ова лето, велат туристичките работници кои очекуваат заживување на туризмот годинава. Тие оптимизмот за релативно добра туристичка сезона го темелат на сѐ поголемиот број вакцинирани луѓе, постепеното отворање на границите и порастот на интересот на граѓаните за патување. Засега проблем се процедурите, но се надеваат дека до почетокот на сезоната овој предизвик ќе биде решен во прилог на туристите. Граѓаните, пак, велат дека е време да излезат од изолацијата и да се вратат на вообичаениот одмор.
– Со отворањето на границите расте и интересот на граѓаните за патување, иако и лани имаше граѓани кои не се откажаа од патувањето. Моментално е мал интересот за Грција, но тоа не е поради тоа што не сакаат да патуваат, туку ги плаши неизвесноста и сѐ она што треба да го направат пред да патуваат таму. Процедурите се сложени за дел од туристите, но се надеваме дека сето тоа ќе се надмине – вели Андреј Сирачевски од туристичката агенција „Аурора“.
За разлика од Грција која долго се мислеше како да се отвори за туристите, додава тој, Турција веќе ги прима првите туристи.
– Првата тура за Турција замина вчера со првиот лет кој го реализира ТАВ. Имаме и резервации за хотелите кои во овој период даваат високи попусти. Сега има добри понуди, на пример, за хотел со 5 ѕвездички за седумдневен престој е 300 евра. Граѓаните тоа го знаат и веќе резервираат, бидејќи како што е најавено во хотелите се почитуваат сите протоколи, а влезот е гарантиран со ПЦР тест. Очекуваме многу брзо Турција да ја симне и оваа обврска за туристите и да биде олеснето патувањето. Со тестови може да се патува и во Египет, Дубаи и на Малдиви – вели Сирачевски.
Тој очекува да се овозможи и патување во континентална Африка, бидејќи има интерес за патување и таму.
Очекувањата на туристичките работници се дека и покрај предизвиците со процедурите кои оваа сезона ќе бидат многу важни, има позитивни придвижувања за туристичката дејност.
Граѓаните се надеваат дека годинава ќе имаат повеќе можности за патување, а стравот од коронавирусот ќе биде надминат.
– Една година се воздржувавме од патување, а сега некаква безбедност ни дава вакцината. Се вакцинира во секоја држава што некако нѐ ослободува од стресот дали ако одиме некаде на одмор ќе го добиеме вирусот. Дополнително проблем беше што голем број држави беа затворени. Сега некои држави повторно ограничија за рускатата и за кинеската вакцина, ама се надевам дека ќе имаме повеќе можности за патување. Размислувам одморот да го поминам во Грција. Сега има недоразбирања со документацијата, но очекувам да се среди брзо и да можеме да одиме таму, ако не друго на шопинг и на кафе во Солун – вели Антонија од Скопје.
За македонските граѓани засега се отворени Црна Гора, Србија, Албанија, Грција и Турција.