НАЈГОЛЕМ СПОР СЕ ВОДИ ЗА 30 ДО 50 КИЛОМЕТРИ ВО ДОЊЕЦК Рубио ги кажа своите впечатоци за преговорите

Американскиот државен секретар нагласи дека разговорите се сведени на дел од теренот широк 30 до 50 километри, и дека постои напредок во проценката за тоа што Украина би можела да го прифати како безбедносна гаранција.

2

Главната точка на спор во преговорите за мир во Украина е територија од околу 20 отсто од Доњецката област, која моментално е под контрола на Киев, вели мериканскиот државен секретар Марко Рубио.

Рубио нагласи дека разговорите се сведени на дел од теренот широк 30 до 50 километри, и дека постои напредок во проценката за тоа што Украина би можела да го прифати како безбедносна гаранција.






Тој оцени дека иако многумина очекувале „најлесен мировен договор“, војната се покажала како исклучително комплицирана и крвава.

– Русите, губат 7.000 војници неделно. Тоа е повеќе отколку што САД изгубиле во некои цели војни – рече тој, додавајќи дека уништувањата на украинска страна се подеднакво трагични.

Американскиот државен секретар објасни дека целта на преговорите е долгорочна стабилност, економска обнова на Украина и спречување идни напади.

– Ако Украина ги направи вистинските чекори, за 10 години нејзиниот БДП би можел да биде поголем од рускиот – истакна Рубио.

Тој додаде дека САД се единствената земја која може да зборува со двете страни. Притоа потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп посветил значително време на обидите да се премости јазот меѓу Москва и Киев.

– Ангажирани сме бидејќи никој друг не може да го направи тоа. Европските земји немаат капацитет, Кина не може. Единствениот лидер во светот кој може да разговара со двете страни е претседателот Трамп, и тој беше трпелив – рече Рубио.

Понатаму, тој оцени дека не е реално конфликтот да трае со години, ниту пак да продолжи неограниченото финансирање на Украина.

– Тоа не е реалност и нема да се случи. Не можете да ги одржувате тие размери и обем – истакна тој, додавајќи дека и Русија нема капацитет да ја води оваа војна уште пет години.

Рубио потсети дека украинските сили веќе потиснале дел од руските трупи, но предупреди дека војната прераснала во борба на исцрпување во која Москва прифаќа огромни жртви.

– Украинците постигнаа многу благодарение на нивната храброст и одлучност. Но, ова е војна на исцрпување, и за жал, Русите се подготвени да изгубат илјадници неделно – рече Рубио.

Тој подвлече дека конечната одлука за крајот на војната ја има само рускиот претседател Владимир Путин. Преговорите, според него, траат веќе десет месеци, има напредок, но не доволно за вистински мировен договор.

– Ќе се обидеме повторно да ги собереме двете страни и да најдеме предлози со кои двете би можеле да живеат. Тоа го правиме веќе десет месеци и мислам дека сме блиску до вистински чекор напред – заклучи американскиот државен секретар.

Поврзани содржини