Најголем процент заболени од ковид-19 во Македонија се на возраст од 40 до 49 години

379

По подолг период во земјава не е регистриран случај на починат пациент заболен од ковид-19. Министерството за здравство вчера објави информација за нови 163 случаи и 69 оздравени пациенти со што вкупната бројка на дијагностицирани се искачи на 9.412, а на оздравени на 4.940 лица. Бројката на починати засега останува на 432.

Статистиката на Институтот за јавно здравје покажа дека во периодот од 13 до 19 јули се бележи намалување на бројот на новозаболени и оздравени лица, а се зголемува бројот на починати лица во однос на претходната недела.






Новозаболени се регистрирани во 26 града, а најмногу има во Скопје (39,9 отсто) и во Штип (14,4 отсто). Во 17 града, пак, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Инаку, има промена во старосната структура на новозаболени, односно најголем процент заболени се на возраст од 40 до 49 години, а потоа следуваат лицата постари над 50 и 60 години.

Високи се и бројките на непочитување на препораките за носење на лична заштитна опрема на лицето. Полицијата вчера информираше за нови 385 прекршувања за неносење на заштитна маска, а вчера е поднесена и кривична пријава против локалот во Струмица кој организираше забава и настап на естраден уметник и музичка група непочитувајќи ги здравствените протоколи и протоколите за работа.

Една од мерките насочени кон спречување на ширењето на вирусот е и апликацијата „СтопКорона“ која досега ја инсталирале 62.979 граѓани. Апликацијата е наменета за откривање близок контакт со потенцијално заразени лица.

Поврзани содржини