На фестивалот „Илинденски денови“ најавено учество на ансамбли од соседството и од САД и Русија

За време на десетте фестивалски денови во Битола ќе се одржуваат изложби, работилници за везење и ткаење, ќе настапат 26 културно уметнички друштва и фолклорни групи од државата и странство.

269

Фолклорни ансамбли од Америка, Русија, Грција, Албанија, Србија и Хрватска, заедно со македонски културни уметнички друштва и фолклорни групи од повеќе македонски градови ќе настапат на 51. издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола.

НУ Центар за култура-Битола, организатор на фестивалот, годинава ќе биде домаќин и на Филип Бусон претседател на светската фолклорна асоцијација ЦИОФФ.






– Фестивалот ќе почне на 20 јули, а ќе заврши на 30 јули. Не отстапуваме од традицијата и затоа фестивалските вечери ќе почнат со дефиле на Широк Сокак и со орото „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“- Битола. Овој фестивал е од посебен национален интерес и затоа подготвивме богата програма која ќе ја следи и посебниот гостин, претседателот на ЦИОФФ Филип Бусон кому ќе ја презентираме нашата фолклорна традиција што на овој културен настан ја негуваме 51 година. Фолклорот не дефинира како нација, како луѓе и зборува за нашиот идентитет и гордо и годинава ќе го презентираме во градот, државата и светот –  истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на битолскиот Центар за култура.

Валентин Соклевски, селектор и режисер на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ најави дека оваа година фестивалот ќе се одржува под мотото „…старото е ново…“ и, како што рече, нуди програма во изобилство.

– Фестивалот „Илинденски денови“ е сцена на која старото се пренесува и афирмира како ново на генерациите што доаѓаат. Фестивалот не е инцидент туку процес, фестивалот е систем кој функционира. Фестивалот не е само игра и песна, туку и збор и наука, и тоа сакаме да го развиваме што повеќе и во соработка со стручни лица. „Илинденски денови“ е единствен фестивал во Северна Македонија со сертификат за интернационален фестивал затоа што ги исполнува сите светски критериуми – истакна Соклевски.

За време на десетте фестивалски денови во Битола ќе се одржуваат изложби, работилници за везење и ткаење, ќе настапат 26 културно уметнички друштва и фолклорни групи од државата и странство за кои се утврдени мерки за заштита од ковид како за учесниците, така и за публиката, информираа организаторите на претстојниот културен настан во овој град. 

 

Поврзани содржини