НА ЕКСГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ИМ СЕ СУДИ БЕЗ ФАКТИ, СИЛНИТЕ ЕМОЦИИ НЕ СЕ ДОКАЗ Љупчо Коцевски со правна гимнастика ја задоволува јавноста која бара одмазда
Локалната власт нема никакви ингеренции во врска со дискотеката „Пулс“, која е целосно во надлежност на државната власт и на државните инспекторати, истакнаа бранителите на поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илијев и Љупчо Папазов и побараа Обвинителството да го повлече онвинението против нив.
Одбраната на обвинетите поранешни градоначалници на Кочани, Николчо Илијев и Љупчо Папазов, слично како и одбраната на ексградоначалникот Ратко Димитровски, истакна дека локалната власт нема никакви ингеренции во врска со дискотеката „Пулс“, која е целосно во надлежност на државната власт и на државните инспекторати.
Според адвокатите, постапката против градоначалниците се води врз основа на нецелосна истрага и без обезбедени факти кои директно ги поврзуваат со катастрофата. Тие нагласија дека нивните клиенти постапувале согласно законите и прописите и дека неправедната осуда би претставувала „втора трагедија“. Побараа Јавното обвинителство да го повлече обвинението.
Бранителот на Николчо Илијев кој беше градоначалник на Кочани од 2017 до 2021 година, адвокатот Синиша Станковиќ, во воведниот говор рече дека во обвинителниот акт не се наведени доказите врз кои се темели обвинението против неговиот клиент и со тоа целиот Закон за кривичната постапка е свртен на глава.
– Наместо Обвинителството да ја докажува вината, го принудува тој да ја докажува својата невиност. Од непознати причини е спроведена нецелосна истрага и не е обезбеден ниту еден факт против Николчо Илијев. Постапката се води 3 и пол години по престанок на неговиот мандат. Никој и никогаш не го известил за кабарето, а тој немал контакт со сопственикот, ниту додека бил на функцијата, ниту откако му престанал мандатот – рече Станковиќ.
Тој истакна дека во главната расправа ќе се докаже дека обвинетиот како градоначалник постапувал согласно законите.
– Обвинетиот Николчо Илијев не повредил ниту една императивна норма во вршење на функцијата градоначалник и не ја злоупотребил во ниту една форма својата позиција. Ваквите факти исклучуваат секаква можност за какво било соизвршителство во кој било правец и временски период. Во пожарот на 16 март Николчо Илијев загуби роднини и пријатели и уште еднаш изразува сочувство на семејствата на жртвите и побрзо закрепнување на повредените. Затоа одбраната бара Обвинителството да го повлече обвинението против Николчо Илијев – изјави Станковиќ.
Тој додаде и дека речиси половина од мандатот на Илијев угостителските објекти во државата не работеле поради пандемијата со корона.
И Миле Левков, адвокат на поранешниот градоначалник Љупчо Папазов, кој беше на функцијата од 2021 до 2024 година изрази сочувство за жртвите. Тој нагласи дека процесот е обележан со немерлива трагедија, но мора да се почитува презумцијата на невиност.
– Одбраната ја разбира тежината на трагедијата, но постапката мора да се води според законите, а одговорноста мора да биде индивидуална, докажана преку причинско-последична врска, наместо да биде резултат на колективен гнев – рече Левков.
Тој истакна дека правдата за жртвите не значи само осуда, туку вистинска и правична постапка. Посочи дека пропустите се резултат на институционални слабости.
– Државниот обвинител Љупчо Коцевски, за да им даде поттекст на обвинителите за ваквиот обвинителен акт, во април на прес-конференција наведе 3 примери на пожари во 3 слични објекти, кои настанале на сличен начин – пожар во клуб во Романија во 2015 година, во клуб со САД во 2003 година и во Бразил во 2013 година. Според Коцевски, одговорноста не е само на оние кои директно го предизвикале пожарот, туку и на оние кои овозможиле опасни услови, преку серија на административни пропусти и сето ова покажува дека правото признава долготраен каузалитет. Овие изјави на Коцевски, целосната прес-конференција, веќе се повлечени од медиумите. Можеби недостапноста на ова изјава се должи на фактот дека во трите анализирани случаи е утврдена одговорност само на директните причинители на пожарите – рече Левков.
Невидена правна гимнастика, спротивна на правните теории и науки, треба да ги задоволи апетитите на дел од јавноста, која сака осуда и одмазда, додаде тој.
– Емоциите се моќни, но тие не се доказ. Ако јавното мислење го замени доказниот материјал, ќе се донесе неправедна пресуда – рече бранителот.
Според одбраната, Папазов не презел никакви директни дејствија што довеле до пожарот, а одговорноста за инспекциските надзори и законската регулатива е делегирана на стручните служби и на инспекторатите.
– Непостапувањето на господинот Папазов како градоначалник не претставува никаква, а најмалку примарна и директна причина за настанатата катастрофа. Градоначалникот не поседува знаење ниту овластување ад хок да утврдува недостатоци во објектот, туку е зависен од информациите и извештаите на стручните служби. Тој не е градежен, пазарен или инспектор за противпожарна заштита – рече Левков.
Обвинетиот Папазов изјави дека на критичниот ден ја мобилизирал општинската администрација и себеси и се ставил на располагање на надлежните служби, а од човечки аспект поднел оставка од морални причини.
– Во оваа судница ќе бидат изнесени многу аргументи и факти кои можеби нема да му се допаднат некому, но ќе бидат првиот чекор или првиот патоказ за вистинскиот пат кон утврдување на вистината – рече тој.
Претходно, одбраната на поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, на денешното судење за случајот „Пулс“ истакна дека обвинението претставува преседан во правната практика, особено во делот на утврдување на причинско-последична врска. Според одбраната, Димитровски не само што немал умисла, туку бил единствен кој реагирал и поднел барање за неиздавање дозвола за работа на дискотеката, уште пред да почне со работа.