Најдобриот ресторан во светот на Македонецот Реџепи се отвора како ресторан за хамбургери
Винскиот бар се наоѓа во градината на „Нома“, а готвачот Рене Реџепи вели дека целта му е да го рестартира социјалниот живот во Копенхаген.
Популарниот ресторан „Нома“ во Копенхаген на познатиот готвач со македонско потекло, Рене Реџепи, кој четири пати ја има освоено наградата за најдобар ресторан во светот, денеска повторно се отвора, но како вински бар што нуди хамбургери.
Пред коронавирусот, оние што сакаа да го посетат ресторанот „Нома“ мораа да резервираат маса неколку месеци претходно, додека во неговата нова форма нема да има резервации, а цените се прифатливи.
Цените на хамбургерите започнуваат од 125 дански круни (18,40 долари) за дома, што може да звучи многу за оние кои не се од Данска, но се прифатливи за локалното населени. Оние кои сакаат својот хамбургер да го јадат во ресторанот тој чини 150 круни (20,1 долари).
Винскиот бар се наоѓа во градината на „Нома“, а готвачот Рене Реџепи вели дека целта му е да го рестартира социјалниот живот во Копенхаген.
– Сонуваме луѓето повторно да бидат активни и да започнат да излегуваат надвор – рече Реџепи за „Блумберг“.
Сепак, клиентите не треба да очекуваат гурмански хамбургери со тартуфи и кавијар.
– Мора да биде хамбургер што го знаеме, затоа избравме чизбургер – вели тој.
– Сепак, ние ги користиме најдобрите производи и месо со највисок квалитет, кое се мели по трипати. Огранскиот кромид го сецкаме со рака. Малите работи како овие прават голема разлика. Секако ќе бидат постапни и верзии на хамбургери за вегетаријанци и вегани – изјави Реџепи.
Новиот ресторан има капацитет за 65 лица и ќе биде отворен од четврток до недела.
Пивото е по цена од 50 круни (6,7 долари), а цената на виното започнува од 95 круни (12,7 долари) за чаша и 425 круни (57 долари) за шише.