На децата им се потребни чоколади
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело. Во оваа колумна професорот Марјановиќ пишува за новинарот Никола Младенов, за неделникот „Фокус“, за аферата „ТАТ“ и за новинарската етика.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 8 април 1998 година)
На времето, кога живеевме во најдобриот од сите можни поредоци на светов и веков, имав тешки неприлики со Единствената партија и со нејзината државна безбедност (причина: поврзаноста со надворешниот непријател!).
Најбенигна последица од тие неволји (опишани во мојата сотија СТРУЧЕН ТРУД, објавена десетина години подоцна) беше моето екскомуницирање од јавноста: во Македонија никој жив (освен во мојата матична куќа, во ГОДИШНИК-от на Правниот факултет во Скопје, еднаш годишно) не смееше да објави ниту еден ред од мене. Како човек од науката преживеав објавувајќи северно од Табановци.
Тоа траеше неколку години. Сè до денот кога ми се јави г. Никола Младенов (тогаш главен и одговорен уредник на едно списание со изразено соц-реалистичко име – МЛАД БОРЕЦ) и предложи да направи интервју со мене. Предложи и го направи. Сега веќе не се сеќавам дали разговорот го водеше тој или некој друг од куќата, но тоа не е ни важно.
Важно е, меѓутоа, дека и подоцна, во мугрите на плурализмот, г. Никола Младенов беше прв и единствен уредник што одобри на страниците на неговото списание (бесплатно!) да се објави политичката платформа и програмата на Лигата за демократија со пристапница. За значењето на тој негов гест нека послужи оваа споредба: денес некои независни весници (да не речам кои) не сакаат да објавуваат пристапници дури ни кога сте спремни да им платите (освен ако не сте Циле Национале, се разбира).
Оттогаш одгледувам пријателски чувства спрема овој млад џентлмен, иако го гледам еднаш во три-четири години, на минување, на некој коктел или преку прозорецот од некоја пицерија, каде што води важни политички разговори. Искрено се надевам дека и г. Младенов одгледува слични чувства спрема мене, а уште поискрено се надевам дека така ќе биде и в иднина, без оглед на она што сакам да го напишам во продолжението на мојов напис.
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.