На „црната листа“ или на аналфабетски курс – повторувач?
Притисокот и можната уцена (и со „црна листа“?) е директно вперена кон Македонците и најголемата македонска партија - ВМРО, во опозиција, која, доколку попушти..., ќе ја снема од политичка сцена како надоврзан предавник. Но, трагедијата е во тоа што дефинитивно ќе ја снема македонската држава сосе нас Македонците во неа. И, дефинитивно ќе се затвори „македонското прашање“, онака, како што од пред векови е загатнато!
Во последната колумна каде пишував за доаѓањето на германскиот претседател и неговата единствена намера, милозборно да нѐ присили да го отвориме Уставот во корист на Бугарите, без да му биде гајле што потоа нас Македонците нѐ чека…, со чудење, намерно се запрашав: Каде е тука… Америка? Зошто молчи? Дали Калето одново, како и минатиот пат, позадински ќе делува, кога тогашниот амбасадор со „разговор“ и оружани стражари со уцена ги присили осумтемина отпадници да гласаат за промена на името? Тоа беше поддршка, или подлата политика на Америка… и тоа – од зад врата? Тоа беше „нашиот стратешки партнер и нашиот најголем поддржувач“ или нашиот непријател?
Се огласи Калето, сега – од пред врата, па редот нѐ носи да се потсетиме: – Кој ни го смени името? Кој ни ја ублажуваше болката од ненадоместливата загуба, со лага? Кој во 2001-та нѐ натера да го потпишеме капитулантскиот Охридски со балистите (а бевме победници), и тоа со директна закана од челникот на НАТО – човекот (со „устето како кутиче“ – така го ослови П. Андреевски во колумна), кој прв ги нарече – терористи, за веднаш потоа да ги преиначи во „борци за човекови права“, и отворено ги помагаше и во кризен момент со американска заштита ги изнесе од Арачиново? Кој ни нареди да ги амнестираме, потоа за свој интерес ни ги напика во власта и кој ги држи и поддржува да се агресивни силеџии во повеќедецениското апсолутно и незаконско владеење кое, со нечие аминување доведе до распад на државата?
Иста политичка валкана песна, со истите понижувачки лаги и отворена поткрепа, сега, на бугарската фашистичка експанзија, деновиве одново ја чувме од новата амбасадорка на Калето, која како предавач на аналфабетски курс – „понављачи“, се обрати на Македонците: „Измената на Уставот нема да го загрози идентитетот и македонскиот јазик… ТРЕБА да се случат измените за доброто на државата… Се надевам дека опозиционите партии нема да заземат ОДРЕДЕНИ ПОЗИЦИИ(?!) во земјата, само да ПРОТИВРЕЧАТ(?!) – да бидат ПРОТИВ!…“
Има нешто нејасно во изречените зборови? Значи, притисокот и можната уцена (и со „црна листа“?) е директно вперена кон Македонците и најголемата македонска партија – ВМРО, во опозиција, која, доколку попушти…, ќе ја снема од политичка сцена како надоврзан предавник. Но, трагедијата е во тоа што дефинитивно ќе ја снема македонската држава сосе нас Македонците во неа. И, дефинитивно ќе се затвори „македонското прашање“, онака, како што од пред векови е загатнато! Затоа, нека се преиспитаат челниците во партијата имајќи на знаење дека прашањето за нашиот национален и државен опстанок, не смее да биде нивен личен став и одлука. Тие се таму каде што се, за да го поддржат и афирмираат гласот на Македонија и на Македонците. Ако мислат поинаку да се однесуваат, под каков било притисок и уцена… нека истапат навреме од партијата.
Ете, мои Македонци, со јасни зборови Калето ни ја искажа својата намера, – поткрепа во нашето дефинитивно исчезнување како народ и нација, сосе сопствената држава – Македонија, која смислено се преобразува во непрепознатлива творба која за нас Македонците е туѓа и неприфатлива.
Тие уценувачки зборови кои отворено имаат наредбодавачка порака, Калето, како дар ни ги закити на новогодишна елка, да се радуваат децата, со спакуваната лага радосница, дека – стигнала екипа од Америка – ДЕДО МРАЗ, која како торпедо спуштено од небо на овој не знам чиј протекторат ќе го расчисти криминалот…
Амбасадорката, нашата АНЃА, кажа што ни кажа, меѓувремено се исконсултира за АКЦИЈАТА со Намесникот, неприкосновениот император Артемие, Пашата од ДУИ… и на крајот, „начелно се сложија“ и заеднички го стокмија концептот за борбата која ќе следи… Јасно? Треба друг коментар? Народот нека процени кој ќе биде чепнатиот во мозок.
– „Ама, ама! – прво – ПРОМЕНА НА УСТАВОТ!“. Така нѐ извести Пашата Али, на својот портал: „Разговаравме за уставните промени со амбасадорката – неоспорен императив на државата е донесувањето на уставните промени…, институционална посветеност за реализација на реформите, борба против криминалот и корупцијата, со сеопфатен процес на ВЕТИНГ за секој политичар, судија и обвинител“. Јасно ни е сега кои искусни криминални стручњаци, кој апашки тим, ќе организира и ќе се борат против корупцијата и криминалот заедно со Американците? А, тие, дојдени се за себе – за расчистување со криминални фаци кои ја загрозуваат американската безбедност! Нашиот крим. осарник нема да го расчепкаат и ќе го поддржуваат, како до сега… сѐ додека им е ним потребен.
Затоа, не туку праќајте писма до амбасадорката за да ѝ помогнете да се справува… Нејзина задача е – да се смени Уставот. Ниту Македонците, ниту јазикот, идентитетот…, не се во сферата на американскиот интерес. Да не беше така, до сега ќе нѐ заштитеа бар за нешто, било од натрапната политика на Бугарите, или од превласта на Албанците. Вистината е дека – на овие простори НАТО се интересира само за Бондстил и територијата каде тој се наоѓа, исто како и за Криволак кој е централен полигон, со поглед накај бугарското крајбрежје на „Черното море“, како каршилак на Русите. Затоа се мазнети Косоварите и Албанците кои се власт во Македонија, помагајќи им да се здушат…, и затоа Бугарите се поддржани во нивната агресорска политика врз нас, исто како што, кога беше промената на името, и пред тоа… (втората Светска војна), поради отворената морска ширина пред Грција и американскиот стратешки интерес за Средоземјето, застанаа на нејзина страна.
Дека е така, дека амери-натовска политика е агресивна, посесивна и бескрупулозна кога се во прашање нивните стратешки интереси – „Америка пред сѐ“, зборува и срамниот факт што таа и од Европа створи своја нова колонија, која со војната во Украина ја изигра до таму што – на нејзина сметка профитерски се богатеше, додека Европа материјално стана зависна, а политички – јатак контролиран од НАТО.
Сѐ побројните, многустрани, повеќеслојни, разорни, долготрајни, срамни… и неиздржливи притисоци кои Америка и Западните квазиполитичари во комбинација со домашната власт ги извршија и вршат врз Македонците, како да немаат крај. Целта е јасна и отворено геноцидно погубна за нас. Гласно се бара да попуштиме пред себе, против себе, иако тоа е неприродно однесување – да се штити туѓиот интерес, со жртвување на својот! Туѓата присила која се врши врз нас, е сплетена во економските интереси и амбиции на надворешните и домашните политичари – профитери, воените и индустриските водачи, во вродениот им лакомлук егзистенционалните потреби на другиот да им бидат плен. Тоа е грабеж рамен на ново ропство.
По сѐ, изгледа, токму тоа нас Македонците нѐ чека. Во случајов – ако попушти ВМРО, а тоа не смее по никоја цена… на сите треба да ни е јасно тоа што следи: – Ни еден Македонец нема да гласа за неа. Власта, раатисана, ќе продолжи со криминалната европеизација и, во екипата – „Мижи да ти баам“ ќе се справува со НЕЧИЈ криминал… И? Сѐ ќе биде исто…, само Македонецот и македонската држава ќе ги снема, како утринска магла.
На светска сцена актуелно е прашањето и практикувањето на ваквата инструменталната агресија, од оние, кои себе се сметаат за политички елити во моќните држави. За тоа, на нив им требаат расцепкани, економски, воено и социјално растроени општества, кои егзистираат во распаднати држави. Тие се храната и опстанокот на незаситните сатанисти, кои колку повеќе го експлоатираат и политички заробуваат на малиот човек, толку повеќе расте нивното човекојадство.
Дека е така, потврдија сите војни кои се случија до сега, во претходното и ова столетие, посебно Првата и Втората светска војна. Тоа што во поново време – на крајот на вториот милениум агресорски воени паради на светот му приредија САД, е показ за нејзината безочна желба и во третиот да бидат господар на светот – доминантна воена и диктаторска сила, со задржана моќ за економска принуда, пред сѐ, на слабите држави кои треба да им се покоруваат на нивните сатански интереси, газејќи притоа врз сопствените. Таква земја, за пример, за жал… сме ние…! А, зошто? – Поради многу што… пред сѐ, наша вина, но, и тоа што се наоѓаме во акутно место на Балканот, во кој трагедиите се повторлива страотна вистина.
МАКЕДОНЦИ!: – Сѐ може да ни грабнат, но не и здивот на нашето КОЛЕКТИВНО СЕЌАВАЊЕ, чие пламтење езди по бескрајната белина на вечно опстојната Етничка Македонија.