Најчевска за МИА: Гласот за Твоја партија е глас за плуралитетот во државава кој е крајно време да го имплементираме

531

Воспоставување одговорност на политичарите и на високите функционери по принципот на правопропорционална одговорност, реанимација на животната средина, третман на образованието како инвестиција, професионална администрација и право на квалитетен живот на секој граѓанин согласно мерилата на 21 век се петте клучни постулати на Твоја партија со кои настапува на предвремените парламентарни избори 2020, вели во интервју за МИА Мирјана Најчевска, носителка на листата на кандидати за пратеници на оваа политичка партија во Изборната единица 1.

Твоја партија се издвојува од другите според нејзиниот концепт на организирање, на дејствување и водење на кампањата за претстојните избори, а што не е поврзано со актуелната пандемија на ковид-19.






– Ние не го направивме ова поради ковидот. Нашата партија е замислена како интернет-партија. Ние немаме штабови, немаме флаери, ние сме многу хоризонтално поставена партија, нешто на граница меѓу партија и невладина организација и наша целна група се сите оние луѓе што сметаат дека можат да придонесат и коишто би сакале да имаат една структура како што е Твоја партија преку којашто ќе можат да ги презентираат своите потреби и интереси и доколку партијата успее да освои неколку места, директно да се вклучат во влијанието на оние што ги нарекуваат поголеми играчи во политичката игра и контрола на она што тие ќе го прават. Така што наша таргет-група се сите луѓе што сметаат дека во Македонија треба да има вистински плуралитет, а не двопартиски систем – вели проф. Најчевска, која е доктор на правни науки, истакнат активист и експерт за борба за човекови права.

Таа порачува дека гласот даден за мала партија не е изгубен глас, туку „е глас што се дава за плуралитетот во државата нешто со кое тргнавме во градењето на самостојна, независна Македонија“, коешто смета дека е крајно време навистина да го имплементираме.

– Ние тргнавме по еден поинаков пат кога станува збор за изборната програма. Имено, ние дури и не ја нарекуваме изборна програма, туку изборни приоритети, поради тоа што не мислиме дека изборната програма треба да има 200-300-500 страници и сл. во којашто екстензивно ќе се објаснуваат поединечни активности, туку дека таа треба да претствува систем од принципи, вредности, насоки во коишто ние се надеваме како идни парламентарци во Собранието би ја насочувале политиката, би работеле на она што претставува глобален генерален развој на државата. Еден од приоритетите ни е воспоставување одговорност, пред сè, на политичарите и на високите функционери, при што нашата заложба е да се оди со принципот на правопропорционална одговорност. Колку повисока функција толку поголема одговорност и кривична и прекршочна и материјална, значи одговорност реална којашто би можела да се поврзе секое делување на политичарите и високите функционери – вели таа.

Вториот приоритет им е реанимација на животната средина, а овде меѓу друготво предвидуваат децентрализацијата којашто би значела растоварување на Скопје и заживување на сè она што е надвор од Скопје со соодветно инфраструктурно поврзување.

Третиот елемент им е образованието, бараат образованието да не се третитира како трошок, туку како инвестиција.

Четвртиот елемент на Твоја партија е професионализацијата, пред сè, на државната администрација. Последниот елемент е дека секој граѓанин во Македонија има право на квалитетен живот.

– Меѓутоа квалитетниот живот не значи преживување, туку значи живеење коешто е исполнето со сите параметри кои можат да се замислат во 21 век со пристап на секој граѓанин до највисоките технолошки пронајдоци, до соодветна здравствена заштита, до образование и секако посебна грижа за ранливите групи, посебно за старите луѓе, за луѓето со посебни потреби и тука би ја вметнале и родовата димензија. Тоа се приближно петте постулати – вели Најчевска.

 

 

Поврзани содржини