НА ЧЕКОР СМЕ ДО ПРВАТА ПОДЗЕМНА СООБРАЌАЈНИЦА Започна изградбата на првата фаза од булеварот Македонија

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски смета дека со пуштање во работа на овој проект значително са се намали сообраќајниот метеж, движење низ центарот на градот ќе биде побрзо, а ќе се создаде поуреден, побезбеден и покомфорен урбан простор..

2,001

Започна изградбата на првата фаза од булеварот Македонија во Скопје што е чекор поблиску до својата прва подземна сообраќајница, објави на својот фејсбук-профил градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

„Проект кој со години беше во застој, а денес добива нов почеток, јасна динамика и визија за современ урбан развој. Станува збор за првата фаза од вкупно пет фази, преку кои овој комплексен капитален зафат конечно ќе биде целосно реализиран. Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази, од кои првата започнува токму денеска“ пишува Ѓорѓиевски.

Тој објаснува дека во рамки на оваа фаза ќе се изврши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти, со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот.

„Проектот го опфаќа булеварот Борис Трајковски (кај Рампа), улиците 11 Октомври и Пролет, како и крак од булеварот Македонија до влезот во булеварот Борис Трајковски, каде што завршува со вклучување во постоечкиот профил и продолжува кон втората фаза“, појаснува Ѓорѓиевски.

Во оваа етапа се предвидува и проширување на улицата Пролет во правец од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента.

„Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три острови во форма на солза. На потегот од улицата Пролет кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот Борис Трајковски, се воведува еднонасочен сообраќај, а на раскрсницата меѓу булеварот Борис Трајковски и улицата 11 Октомври ќе бидат поставени нови, современи семафори. Дополнително, проектот во другите фази, предвидува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот Кочо Рацин и улицата Јордан Мијалков (Железничка), како и проширување на бул. СВ. Кирил и Методиј“, пишува Ѓорѓиевски.

Според него, овие сообраќајни решенија ќе овозможат побезбедно, порастоварено и поефикасно одвивање на сообраќајот, во согласност со современите европски стандарди.

„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација, со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници, што претставува значаен чекор кон поотпорна и одржлива урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со вкупно шест ленти, четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки.

Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на сообраќајниот метеж, побрзо и поефикасно движење низ центарот на градот, како и создавање на поуреден, побезбеден и покомфорен урбан простор“, појаснува скопскиот градоначалник.

Тој додава и дека овој проект претставува ново поглавје во развојот на Скопје.

„Со воведување на современи инфраструктурни решенија кои досега не биле карактеристични за градот, Скопје прави одлучен чекор кон модерен, функционален и вистински европски град“, вели Ѓорѓиевски во објавата.

На почетокот на градежните работи на булеварот присуствуваше и премиерот Христијан мицкоски кој рече дека проектот сигурно ќе го олесни движењето во центарот на градот.

-Амбициозен е планот овој мандат целосно да биде завршен, амбициозен е и планот во 90 дена да биде завршен овој дел. Но, сигурен сум дека имајќи предвид дека имаме амбициозен градоначалник и амбициозни градоначалници дека сето ова ќе се заврши и скопјани ќе можат да се движат по овој коловоз многу скоро, односно во рамките на тоа што е кажано- рече Мицкоски.

Поврзани содржини