На чаша сок од бозел во продавница за пиво
Во потрага по специјализираната продавница за пиво на нашиот соговорник, скопјанецот Марјан Костадиновски, верувале или не, по улиците на мојот роден град, навигатор преку телефон ми беше еден асли битолчанец, а освен овој, имаше и уште еден чуден настан – Мац ме послужи со сок од бозел!
По пеколните жештини, качена на велосипедот, тргнав кон специјализираната продавница за пиво на Марјан Костадиновски за која знаев каде приближно се наоѓа, но пронаоѓањето ми одеше малку потешко, па во потрагата по улиците на мојот роден град навигатор по телефон ми беше нашиот заеднички пријател, битолчанецот Николче Николовски од организацијата Слоу фуд Македонија.
А тој, очекувано од некој чија работа и живот се тесно поврзани со храната, ја запомнил локацијата ориентирајќи се по новото градско место за вкусни оброци од свежи, рачно изработени тестенини. Малку фрустрирачка ми беше информацијата на Марјан дека неговата продавница зимоска многу лесно ја нашла неговата пријателка од Хаити која првпат дошла во Скопје, ама добро е што имам на кого да ја префрлам вината – пеколните температури и африканскиот бран кои очигледно ми ги смешаа уличките.
Инаку, Марјан е сопственик и на порталот „Сакам пиво“, поранешен колега, од неодамна, заедно со 150 пивски судии од цел свет, надворешен неофицијален пивски судија на интернационалните натпревари за пиво, дел од организацијата Слоу Фуд Македонија и заедно со нив, иницијатор и организатор на настани за промоција на домашното пиварство и особено на занаетчиското производство на пиво, на т.н. Пивски салон. И токму тој експерт за пиво, кому покрај сето ова, хоби му е и правењето на пиво, во неговата „Пивотека“ ме послужи со домашен СОК од бозел.
Бозелот го набрал своерачно, а исто така го направил и сокот и можам да ви кажам дека вистински уживав во овој напиток со вкус и мирис на моето детство.
А пиво? Пиво другпат, поточно, на 26 јуни во Културниот дом Кисела Вода, во паркот Македонија каде што ќе се случи 5-тото издание на пивскиот салон.
„Досега пивскиот салон го правевме во Кинотека на Македонија, во салата и ходникот, но надворешниот простор беше постојано исполнет со филмски проекции и не можевме да најдеме слободен термин, па така се случи да го искористиме паркот Македонија, односно, новата локација кај денес обновеното кино Кисела Вода (Културен дом Кисела Вода) и во соработка со општината успеавме да се усогласиме со нашите идеи и нашиот концепт. Овој пат фокусот ќе биде само на домашните и на официјалните производители на пиво за да видиме до каде сме стигнале, а дефинитивно сме чекор понапред.
Со оглед на тоа што кога почнавме сосема спонтано и со огромен ентузијазам и страст, од првиот настан во арт кафе „Кашмир“, денес веќе имаме пријавени 13 учесници од кои половината се регистрирани производители, некои во фаза на регистрација и секако домашните производители без кои овој настан и немаше да се случи. Би сакале во иднина да се организира и некаков Балкански интернационален конкурс на оценување на квалитетот на домашните пива од страна на интернационални судии, но ќе одиме полека, чекор по чекор. Овој настан ќе биде и дел од концептот што го почнавме со Слоу фуд, а тоа е кампањата „Слоу Бир“ каде што ќе се промовираат токму малите занаетчиски пиварници. Би сакале во некоја од следните години да се направи и еден водич за пиво. Се надевам дека и времето добро ќе нè послужи и затоа за прв пат обезбедивме и храна од нашите пријатели од кујната „Наше Маало“, се прошири тајмингот на одржување на настанот и сега ќе трае до 01 часот, ќе има изложба на карикатури на дигитална фотографија на тема пиво во соработка со Галеријата „Остен“, друштвена игра пивопол, пинг-понг, велосипед за намалување на калории, разновидна музичка програма и многу позитивна атмосфера“, најавува Мац.
Целото интервју прочитајте го на порталот „Арт кујна“.