НА ЦЕНТАР МУ ТРЕБА ВИСТИНСКИ ЦЕНТАРЕЦ Конвенција на ЗНАМ за промоција на Мирослав Лабудовиќ
Се обврзувам дека ќе работам посветено, секогаш имајќи ја пред себе главната цел - моите сограѓани, кои мора да имаат приоритет. Тоа значи дека ние ќе бидеме постојано нивен сервис и секојдневно ќе работиме да го подобриме и да го направиме пофункционален нивниот живот, веели кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Центар Мирослав Лабудовиќ.
На Центар му треба предводник кој ќе биде вистински претставник на граѓаните, доволно млад и енергичен, доволно стручен и доволно посветен татко на општината, прв човек што ќе воведе ред, ќе создаде урбан развој, наместо урбан хаос, ќе го исчисти, ќе го направи безбеден, ќе се бори за секоја негова педа – на Центар му треба вистински центарец, порача Движењето ЗНАМ на вечерашнава конвенција во Музејот на современа уметност, на која беше промовиран кандидатот за градоначалник Мирослав Лабудовиќ.
Претставувајќи ја својата визија и приоритетите за идниот четиригодишен период, Лабудовиќ пред присутните се обврза дека нема да биде градоначалник што ќе работи само пред избори, туку посветено и одговорно во текот на целиот мандат.
– Се обврзувам дека ќе работам посветено, секогаш имајќи ја пред себе главната цел – моите сограѓани, кои мора да имаат приоритет. Тоа значи дека ние ќе бидеме постојано нивен сервис и секојдневно ќе работиме да го подобриме и да го направиме пофункционален нивниот живот. Имаме програма за која сум убеден дека е најквалитетна од сите понудени и со која навистина ќе ги промениме нештата во општината – порача Лабудовиќ.
Тој најави ревизија на сите спорни урбанистички планови, нови катни и монтажи гаражи во Буњаковец, Капиштец и кај Железничката станица, чиста, безбедна и еколошки средена општина, со енергетско-ефикасни фасади. Новитети во образованието и изградба на Центар хаб – мултифункционален, младински и културно-технолошки центар, поддршка на локалниот бизнис и спортот и повеќе солидарност и инклузивност. Како еден од приоритетите ја потенцираше целосната транспарентност во работењето.
Пред присутните се обрати и носителот на советничката листа, Мишко Барзов кој изрази уверување дека со системски решенија, јасна визија, посветеност и со чесна намера, советниците од ЗНАМ ќе создадат поуредена, почиста и побезбедна општина.
– Верувам дека советничката листа на ЗНАМ ќе биде вистинскиот замаец на промените. Најискрено верувам дека Мирослав Лабудовиќ, нашиот Миро, е единствената личност која во овој момент, заедно со нас, може да направи вистински промени, системски решенија и нова визија за нашата општина. Наша цел е Центар да биде општина каде што повторно ќе владее ред, каде што маалата ќе ја вратат својата душа и каде што секој граѓанин ќе се чувствува горд што живее токму овде – нагласи Барзов.
Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски истакна дека Лабудовиќ добил едногласна поддршка од партиското членство. Тој рече дека со години доаѓа во Скопје и никогаш главниот град и централната скопска општина не биле повалкани и во поголем хаос отколку што се сега.
– Не смееме да дозволиме да се скрши срцето на Скопје, не смееме да дозволиме Центар да остане во погрешни раце и да продолжи да се распаѓа како скапано јаболко. Време е за голема промена, време е за голема победа, време е за вистински човек кој и знае и сака и може да го воскресне Центар од правта и валканиците. Тој човек е нашиот Миро. Затоа што центарци знаат дека Миро е најдоброто решение за нивната општина. Јас гледам вистинска жар во неговите очи кога говори за Центар, кога дискутираме за проектите и визијата за наредните 4години. Немам ни трошка сомнеж дека тој искрено сака да го направи неговиот и ваш Центар најдобро место за живеење – потенцираше Димитриевски.
